Заразната жолтица, која ја нарекуваме уште и болест на валкани раце, може да се рашири сега на почетокот на второто полугодие, па затоа многу е важно да апелираме до родителите, наставниците, но и до самите ученици, редовно да одржуваат лична хигиена, а посебно хигиената на рацете, вели д-р Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје. Eпидемиолозите очекуваат со стартот на учебната година, да порасне и бројот на грипозни лица.

Пред една недела, Министерството за здравство прогласи епидемија на заразна жолтица во населбата Даме Груев во општината Ѓорче Петров, каде што имаше вкупно девет пријавени случаи, од кои седум беа епидемиолошки поврзани.

– Жолтицата е заболување се појавува заради нехигиена на рацете и затоа е важно таа редовно да се одржува. Во градинка или на училиште редовно да се користат течни сапуни, дезифициенси, да се мијат редовно рацете после користење на тоалет, а училиштата и градинките да ги вршат навремено и редовно сите чистења и дезинфекции. Што се однесува до грипот, и тука се очекува пораст на бројот на заболени. Минатата недела регистрирани се 583 заболени лица, а во вирусолошката лабораторија имаше пет позитивни од кои три се АН1N1 – вели д-р Микиќ.

Освен во Даме Груев, и во општина Шуто Оризари има два епидемиолошки поврзани случаи, односно две сестри се заразени со жолтица, но засега нема индикации за пријавување на епидемија.

Како што веќе објави Министерството за здравство, во периодот од први септември досега во Скопје се регистирани вкупно 68 случаи на заразна жолтица од кои 48 случаи се диференцирани како вирусен хепатитис А и 20 случаи се вирусен неозначен хепатитис.

Ако се направи споредба со претходни години, бројот на заболени е зголемен. Во 2016 година имало шест регистрирани случаи, во 2017 имало 35 заболени, а во 2018 година имало 28 случаи.

Најмногу заболени со жолтица има во Сарај – 16, Ѓорче Петров – 11, Аеродром и Гази Баба – 9, случаи, во Шуто Оризари – шест, во Карпош има петмина заразени, во Чаир – четворица, во Чучер Сандево – три лица, во Центар две, а во Бутел, Кисела Вода и во Зелениково по едно заболено лице.

Најголем број (29) се на возраст од 20-64 години, седуммина се на возраст од 0 – 5 години, 14 се ученици на возраст од 6-14 години, 16 се лица на возраст од 15-19 години и двајца се над 65-годишна возраст.

Единствен начин на заштита од заразната жолтица е редовното одржување на лична и општа хигиена.

Што се однесува, пак, до сезонскиот грип, во Институтот за јавно здравје информираат дека ниту еден од хоспитализираните пациенти на Клиниката за инфективни болести не бил вакциниран против грип.

По крајот на зимскиот распуст кој траеше три недели, од денеска во училиштните клупи се враќаат околу 260.000 ученици во основното и во средното образование.