„Зборував симболично во името на НАТО, односно што треба Македонија да стори за членство во НАТО, а тоа е она што го изјавува и премиерот Никола Груевски“, изјавил албанскиот премиер Еди Рама, на прес-конференцијата со неговиот српски колега, Александар Вучиќ, кој од денеска е во официјална посета на Тирана, пренесува „Телма“.

– Тоа што неодамна го изјавив за Македонија во врска со НАТО, не значеше ставање блокада за членство, туку дека Македонија треба да продолжи да го спроведува тоа што е запишано во Декларацијата од Самитот во Велс, а таму е наведен Охридскиот договор – рекол Рама.

Потсетувајќи на настаните во Куманово, албанскиот премиер рекол дека тоа што се случи било уште еден пример за тоа „колку лесно би можел да се дестабилизира регионот“.

– Ние сме заинтересирани за почитување на правата на Албанците според Охридскиот договор, во општество кое треба да е демократско – додал Рама и нагласил дека целта на Албанија не е да ја блокира Македонија во нејзините евроатлански интеграции.