Полицијата денеска врши претреси на повеќе локации во Скопје и Штип поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и неовластено навлегување во компјутерски систем, во случај во кој е осомничен раководителот на информатичкиот сектор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Р. Т., информираат во Министерството за внатрешни работи. Засега МВР не соопштува многу детали, освен дека претресите се случуваат по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на Р.Т.
По информацијата за акцијата, со соопштение се огласија и од штипскиот универзитет, од каде што рекоа дека овозможиле соработка со МВР и надлежното обвинителство за побрзо да се расчисти случајот.
„Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет. Како јавна високообразовна институција ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет. УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени“, се вели во соопштението од универзитетот.
