Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска соопшти дека првиот програмски сервис на „Македонско радио“ (Радио „Скопје“) и ТВ „Нова“ го прекршиле Изборниот законик во текот на вториот круг од локалните избори поради што ќе бидат поднесени барања до надлежен суд за поведување прекршочна постапка.
Според ААВМУ, во тек на изборниот молк, во емисија за земјоделците на Радио „Скопје“ биле емитувани изјави од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
ТВ „Нова“, според ААВМУ, на двапати, на 26 и 27 октомври, последни денови од надзорот на изборната кампања, ги прекршила лимитите за платено политичко рекламирање. ТВ „Нова“ емитувала повеќе од дозволените осум минути за платено политичко рекламирање на реален час емитувана програма за политичките партии во опозиција.
ААВМУ најавува дека кон крајот на неделава ќе бидат објавени извештаите за начинот на известување на радиодифузерите за време на изборната кампања во вториот круг.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.