fbpx

Работодавците се сомневаат во искреноста на ФЗОМ за породилното

-

Грижа за родилките, бескаматно кредитирање на Владата или, пак, ублажување на негативната слика што Фондот за здравствено осигурување ја остава со задоцнетото исплаќање на породилното кај жените е заднината на новиот проект „Побрза исплата на надоместокот за породилно отсуство и боледувања“? Оваа предлог-мерка на ФЗОМ која допрва треба да влезе во владина процедура, а ако се прифати ќе се применува од 2016 година, предвидува компаниите да им ги исплаќаат здравственото осигурување и платата на родилките кои се вработени во нивните фирми, а потоа Фондот да им ги враќа парите.

Работодавците се сомневаат во искрените намери на Фондот кога станува збор за новата предлог-мерка, а невладините организации за заштита на човековите права и заштита од дискриминација сметаат дека овој проект само ќе ја зголеми дискриминацијата кон жените и ќе придонесе сопствениците на компании да не вработуваат млади жени.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека веќе доставиле забелешки на овој предлог.

– Пред неколку дена, на средба на управниот одбор, имавме претставници од Фондот за здравствено осигурување кои ни ја образложија оваа мерка. Ние уште тогаш кажавме дека не сме многу задоволни од неа, но ако треба да се помогне на родилките, ние ќе ја прифатиме обврската,  само ако Фондот за секое задоцнување подолго од 10 или 15 дена ни плаќа затезна камата, како што ние имаме обврска да плаќаме за сите јавни давачки. Само во овој случај ќе веруваме во добрите намери на Фондот – вели Димитров.

Тој предупредува дека сè уште не е целосно организирано како оваа мерка ќе се спроведува во малите фирми. Според него, мерката може да направи само поголем хаос во помалите фирми и работодавците да не вработувааат млади жени.

На предлогот на ФЗОМ реагираа и од Мрежата за заштита од дискриминација. Оттаму бараат веднаш да се повлече овој предлог кој, според нив, ќе предизивика зголемување на јазот за вработување меѓу мажите и жените.

– Разлики помеѓу жените и мажите постојат и во однос на регулираниот работен однос. Како една од причините кои ФЗОМ ја истакнува при најавување на овој проект е побрза исплата на надоместокот за породилно отсуство, особено во првите месеци од раѓањето на бебето. Ако ФЗОМ истакнува дека го исплаќа надоместокот за породилно отсуство со задоцнување, тогаш зошто работодавците би верувале дека Фондот навремено ќе им го рефундира платениот надоместок ним – сметаат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Заклучно со вториот квартал од оваа година, вработени мажи имало 404.297, а речиси половина помалку жени 274.170. Голема разлика во бројки има и во формалното вработување. Според податоците од едицијата „Мажи и жени“, што ја издаде Заводот за статистика, се посочува дека значајно е поголем бројот на мажи од жени кои се формално вработени. На пример, во 2012 година, формално вработени мажи имало 301.517, а жени само 202.741.

Од опозициската СДСМ велат дека ако се примени овој предлог, тоа ќе предизвика сериозни негативни последици врз жените-родилки и идните мајки.

– Се загрозува положба на жените, се форсира нивна нееднаквост и дополнително исклучување од пазарот на труд. Овој предлог на власта е спротивен и на Конвенцијата за мајчинство (бр.183) што ја има ратификувано и Македонија. Во согласност со овие меѓународни стандарди, државата би требало да ја укине целата административна процедура за исплата на породилно отсуство. Односно, автоматски да го исплатува надоместокот, без да чека уплати од работодавците. Конвенцијата 183 укажува дека откако ќе се утврди правото за надоместот поради бременост и раѓање, истото не смее да биде ограничувано со дополнителни услови – реагираат од СДСМ.

Во Конвенцијата за заштита на мајчинството е одреден само минимален период од 14 недели за породилно отсуство, но во поголемиот број држави-членки на Европска Унијата, државата го исплаќа надоместокот за породилно отсуство. Оваа конвенција досега ја имаат ратификувано 29 држави.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Норвешка донираше 76 неборбени моторни возила за Северна Македонија

Донација составена од седумдесет и шест моторни возила од Кралството Норвешка, официјално беше предадена на Армијата на Република Северна Македонија на пригодна церемонија која се одржа во касарната Илинден...