fbpx

Работните групи за медиумите во мирување, напредок нема

-

Не се знае дали денеска ќе продолжат преговорите на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино за медиумите, откако и последната средба минатиот четврток помина без придвижување на ставовите. Засега, според информации од партиите, белгискиот преговарач Питер Ванхауте нема закажано средба.

Преговорите се закочени од петокот откако на билатералните средби со Ванхауте, преговарачите му ги повториле црвените линии од кои немаат намера да отстапат. Засега нема закажано нова средба и не се знае кога таа би се одржала.

Законот, пак, што го предложи СДСМ не е прифатлив ниту за Здружението на новинари на Македонија, а експресно го одби и ВМРО-ДПМНЕ. Според претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги здружиле напорите за да го минираат предлогот на европскиот посредник Питер Ванхауте за реформа на медиумскиот систем.

– Особено апсурдна е идејата на СДСМ професионалните стандарди и етика да ги регулираат со закон. Казнување на медиумите со глоби за кршење на професионалните стандарди нема во ниту една демократска земја. СДСМ се обиде да ги продаде своите лоши решенија за медиумите, преставувајќи ги како решенија на посредникот. Со таквата свесна манипулација, ѝ даде место на медиумската пропагандна машинерија на ВМРО-ДПМНЕ безобразно да го нападне Ванхауте. ЗНМ во случајот беше колатерална штета. Бевме обвинети дека сме ги поддржале предлозите на СДСМ, без да нè прашат за став. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат различни имиња, ама споделуваат иста идеологија – началничка! – вели Селмани.

Според Илија Димовски, член на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ, овој закон е противуставен, неевропски и го нема во ниту една држава во светот.

– Со законот на СДСМ се предвидува зголемување на казните за медиумите. Исто така, со него се предвидува МРТВ и Агенцијата за медиуми да бидат составени од членови само на невладини организации. Со предлог-законот на СДСМ се предвидува чудесна балансираност дури и во контактните емисии, па, на пример, ако во нив се јават пет гледачи што ќе го фалат градоначалникот на Град Скопје, во истата емисија мора да се јават и пет гледачи што ќе го нападнат градоначалникот. Овој закон беше одбиен уште пред два месеци од сите здруженија и организации на новинари во Македонија. Ова е „Гаргамел-закон“ – изјави Димовски.

ВМРО-ДПМНЕ се согласува во македонското законодавство да се копира кој било закон од европска држава, што, пак, е неприфатливо за СДСМ и за белгискиот олеснувач Питер Ванхауте.

Посредникот во преговорите за регулација на медиумите, Ванхауте, во последната негова изјава, дадена по средбата во четвртокот, ги повика политичките партии да постигнат што е можно поскоро компромис за регулација на медиумската сфера. Според него, потребен е нов закон за медиуми кој нема да биде копија на законодавството од друга земја.

– Не е добра идејата да се копира од европските земји и да се земаат закони од нив затоа што вие имате различен правен систем, друг устав, друг менталитет. Вашите медиуми не може да се споредуваат со медиумите во другите земји. Затоа, ве молам, обидете се да го искористите она што го имате и да го подобрите тоа – изјави Ванхауте.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...