Работните групи на политичките партии потписници на Договорот од Пржино денеска постигнаа договор за избор на членови на ДИК.

Тие го прифатиле предлогот на СДСМ, составот на ДИК да биде оформен по формулата 3+3+3, односно тројца членови предложени од опозицијата, тројца од власта и тројца експерти избрани со двотретинско мнозинство од парламентот, дознава „Мета“ од извори од работните групи.

Како што дознаваме, деновиве треба да се постигне договор и за избирачкиот список, а копјата се уште се кршат околу задолжителната регистрација или доброволното пријавување на гласачите. Нашите извори велат дека сè уште е далеку договор за гласањето на дијаспората.

СДСМ на работните групи денеска го претставуваа Цветанка Иванова и Дамјан Манчевски, додека тимот на ВМРО-ДПМНЕ го водеа Никола Попоски и Никола Тодоров. Интересите на албанските партии ги застапуваа Артан Груби и Муса Џафери од ДУИ, како и Имер Алиу и Беким Фазлиу од ДПА.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска во Велес изјави дека партиите се блиску до договор за избирачкиот список и начинот на регистрација и прочистување. Тој истакна дека Македонија би требало една изборна единица.  Од друга страна владејачката ВМРО-ДПМНЕ се залага за воведувањето на мнозински систем на гласање, кој според премиерот Никола Груевским може да биде нова додадена вредност.