fbpx

Работните групи и олеснувачот Ван Хојте на пауза до понеделник

-

Работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино ќе одмораат до понеделник, поради отсуство на белгискиот експерт и олеснувач во преговорите, Питер ван Хојте, кој викендов ќе го помине во Белгија.

Од почетокот на идната недела на маса ќе се најдат повторно темите поврзани со медиумите и со изборните закони.

Вчера, во Клубот на пратеници во Скопје, почнаа разговорите за регулирање на сферата на медиумите.

На состанокот своја презентација за англискиот медиумски сервис „Би-Би-Си“ изнел британскиот експерт, Ричард Бејли. Тој понудил решенија како да се надмине проблемот со политичкиот притисок врз медиумите во Македонија.

На средбата на работните групи, беа присутни и претставници од ЗНМ и од МАН. Тие ги изнесоа своите барања и очекувања од преговорите. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, изјави дека Здружението излегло со пет ставови за да се дојде до решение за хаотичната состојба во медиумскиот простор. Меѓу другото, тој побара и оставка од вицепремиерот Владимир Пешевски, промена на изборот на програмското раководство на јавниот сервис и итно запирање на политичкото комерцијално рекламирање на приватните телевизии.

Ивона Талевска од МАН истакна дека и ова здружение излегло со неколку барања. Тие побарале да се заострат казните за навреда и за клевета врз новинарите, промена на финансирањето на јавниот сервис и вклучување на порталите во постојните закони што ги опфаќаат медиумите.

Претседателот на работната група од СДСМ, Роберт Поповски, смета дека што поскоро треба да се реши прашањето за медиумите.

– Прашањето за медиумите е клучно за одржување фер и демократски избори. Затоа инсистираме ова прашање да се реши до 15 октомври, за медиумите да имаат доволно време за да се средат до изборите закажани за април 2016 година. Ако ова не се реши, нема да можеме да се оттргнеме од нивните розови очила – изјави Поповски.

Работните групи, освен за медиумите, паралелно ќе разговараат и за прашањата поврзани со изборите, односно за начинот за избор на членови на ДИК, носењето одлуки во оваа комисија, гласањето на дијаспората и за прочистувањето на избирачкиот список.

Досега е познато само дека партиите се договорени околу изборот на членови на ДИК и го прифатија предлогот на СДСМ, според кој тие ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, односно тројца членови ќе бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и ним ќе им се приклучат тројца експерти кои ќе бидат избрани со двотретинско мнозинство во Собранието.

Политичките партии сè уште се далку од договор за гласањето на дијаспората.

Прашањето за дијаспората досега не е мрднато од мртва точка и партиите стојат цврсто на своите ставови. ВМРО-ДПМНЕ претпочита да остане досегашниот принцип на гласање на дијаспората во три изборни единици, а СДСМ бара дијаспората да гласа, но важноста на гласот на иселениците да биде ист со оној на гласачите што живеат во Македонија.

Политичките партии во предвидениот рок донесоа Закон за специјално обвинителство и избраа специјален обвинител.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...