Македонија во овој момент носи амбициозни климатски политики и е на добар пат да фати чекор со земјите кои се залагаат за зелен економски и енергетски развој. Стратегијата за енергетика, одобрена од Владата на почетокот на оваа година, има три сценарија, од кои во две, земјата до 2025 година целосно ќе го напушти јагленот како енергенс. Иако сѐ уште нема Програма за имплементација со која ќе се одбере кое од овие три сценарија ќе се спроведува, според Стратешката оценка за животна средина и Стратегијата за енергетика – зеленото сценарио е економски најисплатливо и најприфатливо за јавноста и граѓанскиот сектор.

Во документот е јасно видлива и енергетската транзиција, со тоа што на местото на поранешниот рудник кај ТЕЦ Осломеј во Кичево е планирана изградба на соларна електрана со капацитет од 120 мегавати. Енергетската транзиција треба да продолжи и да се забрза, меѓутоа мора да започне планирањето и на праведната транзиција која ќе ги опфати регионите и секторите кои придонесуваат за климатските промени- како енергетика, транспорт и отпад, но и тие кои се ранливи на климатските промени како туризам, вода, природа, урбани средини. Уште еден регион во земјава, тоа е Битола со околината, се под влијание на децениското работење на енергетскиот капацитет РЕК Битола. Создавањето „нечиста“ енергија од фосилни горива, во случајот јаглен, според иднината која ја предвидуваат двете сценарија, треба да се менува со прифаќањето на зелените политики. Таа транзиција за овие региони ќе значи многу промени, а особено ќе значи потреба од праведна транзиција за вработените во овие капацитети.

Промените, според Елена Николовска од невладината организација Еко свест“, се пакет на принципи, процеси и практични акции во насока на транзиција од екстрактивна економија кон регенеративна економија. Ова практично значи прекин на недомаќинско, претерано, искористување на природните ресурси и наместо тоа создавање на екомомски раст и развој во склад со животната средина. За да се случи ова потребна е примена на иновативни технологии како и ре-едукација или воведување на нови предмети во образованието.

Оваа транзиција мора да биде правична и еднаква- подеднакво да ги земе во предвид и да ги сослуша потребите на сите чинители во општеството. Ако процесот не е праведен и крајниот резултат никогаш нема да биде праведен. Мора да имаме во предвид дека премин од фосилни горива кон обновливи извори на енергија повеќе не е доволно за ублажување на климатските промени. Потребно е создавање на паметни градови отпорни на клима, енергетски ефикасни домови, граѓанска енергија, чист транспорт, систем за храна кој директно ќе го поврзе производителот со крајниот потрошувач, намалување на отпадот кој го создаваме и целосен премин кон циркуларна економија. Ова значи зголемена грижа за заедниците“, посочува Николовска.

Праведната транзиција не е еден чекор, туку подолг период во кој на работниците ќе треба да им се обезбедат економски и социјални мерки за приспособување на новите политики и мерки и да им се овозможат можности за работа и интеграција во новиот систем, согласно со Парискиот договор за клима кој посочува дека владите треба да обезбедат услови работниците да добијат можности за пристојна работа. Особено заради тоа што во минатото многу примери, вклучувајќи ја и нашата земја, докажуваат дека транзиции се спроведувале на нефер начин, како што е примерот со преминот кон пазарна економија во постсоцијалистичките земји. Транзицијата која ни претстои, кон поодржлив начин на производство и потрошувачка и намалувањето на зависноста од фосилни горива на глобално ниво, неминовно ќе придонесе за губење на значителен број на работни места, кои нема да го одминат и енергетскиот сектор, особено регионите каде се стационирани двете термоелектрани РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.

Во Oпштината Битола велат дека сериозно ги разгледуваат сите светски текови и регулативи и осмислуваат стратегии и планови на долгорочно ниво. Динамиката на трансформацијата, според градоначалничката Наташа Петровска, ќе зависи од повеќе чинители, но општинските власти се подготвуваат за поголема усогласеност во однос на енергетската регулатива.

Општината веќе ги има нотирано сензитивните параметри кои што треба да го следат процесот на декарбонизација како светска политика, но и како процес кој треба државата да го воведува. Во неколку наврати, одржавме средби со генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски и директорот на РЕК Битола, Златко Ќурчиевски. Побаравме размена на информации околу евиденцијата за квалификуваната работна сила, со каков кадар располага комбинатот РЕК Битола, со што во иднина може да се разгледуваат опциите каде одредени лица би можеле да бидат вклопени. Сепак, премногу е рано да се даде конкретен одговор во бројки. Општина Битола, како можни решенија за алтернативната работна сила ги гледа во процесот на гасификација, стратегијата за развој на туризмот, како и новите развојни програми за Пелистер, вели Петровска.

Посочува дека општинскиот Сектор за економски развој работи на голем број проекти од областа на енергетска ефикасност, а во меѓувреме, долгорочната стратегија се гради согласно влезните параметри. Општина Битола веќе во подолг временски период, работи и на имплементација на проекти кои се однесуваат на енергетската ефикасност, во инфраструктурни објекти под надлежност на локалната самоуправа.