ССМ Мои работнички права
фото: ССМ

Работниците чии работнички права во државата се прекршени, отсега истото ќе можат да го пријават и преку новата мобилна апликација што денес ја презентираа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ).

Преку апликацијата „ССМ – Мои работнички права“ граѓаните ќе можат на брз и едноставен начин, преку своите мобилни телефони, да добиваат директни информации за своите права,  но и да  пријавуваат случаи кога се прекршуваат законите, кои потоа ќе се проследуваат до ДИТ. Апликацијата нуди можност за анонимно пријавување на прекршено право од работен однос или здравје и безбедност при работа, за себе или за друго лице, директна комуникација со претставници на ССМ, како и следење на вести и совети од Сојузот на синдикати на Македонија.

ССМ и ДИТ денес потпишаа Меморандум за соработка, кој, како што истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски, има за цел да ги унапреди заедничките заложби, во насока на зголемување на ефикасноста и соработката во остварувањето, заштитата и унапредувањето на работничките права.

„Во време на глобална криза, која не го одминува и нашето општество, уште повеќе сме посветени  да ја исполниме основната дејност и обврска за која постоиме, заштита на работничките права. Свесни сме дека во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19, дел од работодавачите и работниците се најдоа во тешка ситуација, за што  од особено значење е преку отворената соработката и поддршката со социјалните партнери да им помогнеме да се надминат ваквите состојби, согласно нашите надлежности“, истакна Димовски.

Мобилната апликација е создадена со поддршка на Меѓународната организација на трудот и Европската Унија, преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“. Националниот координатор на МОТ во земјава, Емил Крстановски, изјави дека очекува соработката помеѓу ДИТ и ССМ и користењето на апликацијата како нов канал за пријавување на кршењето на работничките права да придонесат за зголемена доверба на работниците и почитување на нивните права.

„Меѓународната организација на трудот ги поддржува активностите во насока на целосно почитување на работничките права и доследна примена на меѓународните стандарди на трудот. Заложбите на МОТ се иднина во која ќе постои универзална гаранција за трудот, односно работни места на кои  се почитуваат на фундаменталните права при работа, безбедноста и здравјето при работа,  се добива плата од која може пристојно да се живее и е ограничен максималниот број на работни часови“ истакна Крстановски.

Апликацијата „ССМ – Мои работнички права“ е  достапна за симнување на мобилните уреди со оперативни системи Android и iOS.