
Денеска Работниците на Градското сообраќајно претпријатие (ГСП), граѓаните и студентите тргнаа на заеднички протестен марш од депото на претпријатието во белградската населба Дорќол кона градското Собрание, каде што ќе им ги предадат своите четири барања на градските власти, пренесува ТВ Н1.
Работниците на ГСП бараат од градоначалникот на Белград, претседателот на Собранието на градот и в.д. секретарот на Секретаријатот за јавен превоз да ги исполнат следните барања:
- Прекин на сите активности на градот Белград поврзани со укинувањето на тролејбускиот подсистем, откажување од реализацијата на јавно-приватното партнерство и поништување на Одлуката за усвојување на самостојниот предлог на проектот за јавно-приватно партнерство, која беше донесена од страна на градското собрание на 25 декември 2024 година. Со оваа одлука се прифаќа предлогот на приватниот превозник „Стрела“ од Обреновац градските тролејбуси да се заменат со приватни електрични автобуси.
- Гаранција од Белград и неговите власти дека тролејбускиот депо „Дорќол“ ќе остане во користење на ГСП и дека нема да биде предадено на трета страна за користење или извршување на дејност.
- Град Белград итно да одобри распишување тендер за набавка на сто нови современи тролејбуси за потребите на ГСП „Белград“, со цел целосно обновување на тролејбускиот возен парк на градскиот превоз.
- Преиспитување на оправданоста и законитоста на постојните договори со кои на ГСП „Белград“ му беа одземени градските линии и линиите „100“, „300“, „400“ и „700“ им беа доделени на приватни превозници изминатата година.
„Ова се оправдани барања кои не се однесуваат само на работниците на ГСП и иднината на ова претпријатие, туку и на сите жители на Белград бидејќи јавниот превоз е дејност од општ интерес за сите нас. Она што е важно да се каже е дека овој марш го организираат работниците на ГСП со поддршка на синдикатот. Ние сме тука само за да ги поддржиме, значи, ова е вистинска работничка иницијатива и морам да кажам дека сум навистина горд бидејќи не очекував дека ќе има толкав број луѓе денес, а тука се, меѓу другите, и студентите, други синдикати од различни дејности и граѓани кои користат јавен превоз“, изјави за ТВ Н1 претседателот на Синдикатот Центар ГСП Белград, Иван Банковиќ.