Караванот работилници на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), под наслов „Гласот на младите: Иднината што ја сакаме“, оваа недела продолжи во градот Штип.
-Верувам дека приоритет за подобра иднина е подобрувањето на образовниот систем, кој ќе даде поквалитетен кадар. Така ќе се влијае на порастот и на развојот на македонската економија, а со тоа и на развојот на државата во целина. Дополнително, некои работи треба да ги променат и младите во своето однесување – да се трудиме да даваме што повеќе предлози за тоа како можат да се подобрат состојбите, бидејќи сега има кој да го слушне нашиот глас – изјави Стефан, студент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Покрај образованието, тема на работилницата беа и прашања што го засегаат светот во целина, како глобалното затоплување и (не)грижата на граѓаните за средината во која живеат, подобрувањето на состојбите во загрозените делови во светот, како и борбата со болестите на 21 век. Караванот работилници продолжува во Охрид на 14 ноември, кога и младите од овој град ќе имаат можност да дебатираат и да го споделат својот став за подобро утре. Ова е своевидно продолжување на светската дебата за усвојувањето на новите одржливи развојни цели, кои и официјално ќе бидат усвоени на Генералното собрание на ООН во 2015 година, а ќе се стремат кон целосно искоренување на сиромаштијата во светот, подобрување на здравствените услуги, образованието, животната средина, достигнување на родовата еднаквост и рамномерен одржлив развој.