Во организација на „Реактор – Истражување во акција“ и со поддршка на мрежата за новинарки „Еднаква“, денеска во Јавна соба се одржа работилница „Жените зад приказните: Простор за заедништво и солидарност“, наменета за новинарки.

Преку интерактивни вежби, новинарките ги мапираа клучните работни предизвици, разменуваа искуства и практични совети за полесно справување со притисоците во професијата, како и начини за проширување на кругот на меѓусебна поддршка.

Работилницата ја водеше Марта Стевковска, новинарка, феминистка и долгогодишна активистка за родова еднаквост, со повеќе од 12 години професионално искуство. Таа работи како специјалистка за комуникации и координаторка на проекти во Мрежа Стела.

Учесничките ги споделија своите „супермоќи“ кои ги носат во редакциите – слобода во изборот на теми, креативност, мултитаскинг, истрајност и професионална посветеност. Но, паралелно ги истакнаа и сериозните предизвици со кои се соочуваат: ниски плати, економска несигурност, недоволно ресурси за истражувачко новинарство.

На т.н. „Ѕид на реалноста“ беа нагласени финансиските тешкотии, недостигот од услови за темелни истражувања, како и честите случаи на дискриминација и онлајн и офлајн напади врз жените-новинарки поради темите што ги обработуваат.

Новинарките посочија дека им е потребна поголема уредничка и колегијална поддршка, повеќе професионални можности, обуки за современи дигитални медиумски форми и за родово сензитивно известување, како и бесплатна психолошка поддршка. Дополнително, бараат правни и професионални совети од здруженијата и синдикатите, како и системска поддршка за медиумскиот сектор – субвенции, државни грантови и подобри услови за долгорочно планирање.

Работилницата ја потврди потребата од заедничко делување, солидарност и создавање средина во која жените-новинарки ќе имаат реални услови за безбедно, професионално и достоинствено работење.