Работилница во Подгорица: Дезинформациите привлекуваат кликови, но фактите градат доверба

Еден од најинтересните сегменти беше проекцијата на „Иднина на вистината“, во рамки на која учесниците размислуваа што би можело да влијае врз вистината во 2040 година

Фото: „Фактс Контент Лаб“

Поминавме долг пат од економијата на пари, преку економијата на информации, потоа до економијата на внимание, па се до економијата на емоции. Денес имаме економија на доверба. Клучната промена е што повеќе не прашуваме ‘Дали е вистина?’, туку ‘Дали му верувам на изворот?’ — прашање што бара да градиме критичко размислување, дигитална писменост, комуникација, соработка, емпатија и сочувство“.

Со овие зборови медиумската експертка од Романија, Јоана Авадани, ја отвори работилницата „Фактс Контент Лаб“ во Подгорица, кој се одржува во рамките на кампањата за медиумска писменост на DG ENEST WeBalkans – „Фактите на прво место“.

Pаботилницата претставуваше ретка можност за новинари, инфлуенсери, факт- чекери и креатори на содржини од целиот Западен Балкан да се соберат и да ги споделат своите локални перспективи за дезинформациите.

Тие дискутираа за влијанието на овој феномен врз секојдневниот живот во регионот и ја истакнаа важноста на точноста на информациите кои треба да се базираат на факти, на критичкото размислување и информираното граѓанско учество.

„Дезинформацијата не е само ширење на невистини, туку контрола на јавниот дискурс и поткопување на демократските вредности. Спротивставувањето на дезинформациите ја штити демократијата, го поттикнува информираното донесување одлуки и води кон посилни, медиумски писмени општества,“ рече Ралука Костаке, тим лидер на програмата WeBalkans.

Како што информираат организаторите, главен фокус на работилницата бил разобличувањето на вообичаените заблуди за пристапувањето кон ЕУ.

Учесниците дискутирале како креаторите на содржини, посебно новинарите, можат да ги разоткријат лажните наративи и да и понудат на публиката од ЕУ и Западен Балкан појасно разбирање на процесот на пристапување кон Европската Унија.

Еден од најинтересните сегменти беше проекцијата на „Иднина на вистината“, во рамки на која учесниците размислуваа што би можело да влијае врз вистината во 2040 година.

„Кога известувате и се обидувате да ги проверите изворите и тврдењата, станувате свесни не само за брзината со која се шират дезинформациите, туку и за нивната масовност во јавниот дискурс — и колку длабоко го обликуваат јавното мислење. Нашата задача не е само да ги коригираме невистините, туку и повторно да ја освоиме довербата на луѓето, буква по буква, приказна по приказна,“ рече новинарот Дејан Шајиновиќ од „Независне новине“.

Учесниците на настанот истражуваа нови и ефективни начини за спротивставување на дезинформациите. Работејќи во динамични тимови, тие развија креативна мултимедијална содржина дизајнирана да влијае врз публиката и да промовира кредибилни извори кои својата работа ја базираат на факти.