Работилница: Енергијата од отпад како решение во енергетската криза

фото: Германско друштво за интернационална соработка (ГИЗ)

Како се создава енергија од отпад и како истата да се користи во цементната индустрија од Западен Балкан, беше темата на работилницата која денеска се одржа во Скопје и на која учество земаа претставници од невладините организации, институциите и компаниите.

На работилницата која е дел од регионалниот проект „Енергија од отпад за цементната индустрија од Западен Балкан“ имплементиран преку Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) се дискутираше и за постигнување на целите на Парискиот договор за нула емисии на јаглероден диоксид во воздухот до 2050 година, преку поголема примена на алтернативните горива во индустријата. Поголемата употреба на алетернативните горива е едно од решенијата на актуелните предизвици во време на енергетска криза и огромен раст на цените на енергенсите, беше истакнато на работилницата.

„Имено, употребата на алтернативни горива во цементната индустрија значително придонесува кон намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Беше оценето дека е неопходно воспоставување соработка и партнерство меѓу сите засегнати страни, како што се институциите, организациите, компаниите, експертите, науката и меѓународните поддржувачи, како и подигнување на свеста во јавноста за оваа тема“, велат од ГИЗ.

На работилницата беше потенцирано дека само преку координирани и структурни активности во секој сегмент од работењето на организациите, институциите и компаниите ќе дојде до реализација на целите и забрзување на процесот на декарбонизација и ублажување на климатските промени.

Пред присутните беа презентирани и клучните наоди од физибилити студијата изработена од страна на истакнатиот економски експерт во областа, Николаос Куфакис, а свои излагања имаа и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, академската заедница, како и претставник од Цементарница Усје.

Како што додаваат од ГИЗ, идејата на проектот е преку истражувања и учество на експертите да се претстават технолошките процеси за користење на алтернативни горива и регионалните и европски примери за добри практики.