Според тројца руски извори запознаени со тековните преговори, условите на претседателот Владимир Путин за прекин на војната во Украина вклучуваат барање западните лидери писмено да се обврзат дека ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток и ќе укинат дел од санкциите кон Русија, пренесува Ројтерс.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, повеќепати изјави дека сака да ја стави точка на најсмртоносниот европски конфликт од Втората светска војна наваму и изминативе денови сè повеќе ја покажува својата фрустрација со Путин, предупредувајќи во вторникот дека рускиот лидер „си игра со оган“ со одбивањето да учествува во разговори за прекин на огнот со Киев, додека неговите сили напредуваат на бојното поле.

По повеќе од два часа разговор со Трамп минатата недела, Путин изјави дека се согласил да работи со Украина на меморандум што би ги утврдил рамките на мировен договор, вклучувајќи го и времето за прекин на огнот. Русија соопшти дека моментално подготвува своја верзија на меморандумот и дека не може да процени колку време ќе биде потребно.

Киев и европските влади ја обвинуваат Москва дека го одолговлекува процесот додека нејзините трупи напредуваат во источна Украина.

„Путин е подготвен за мир, но не по секоја цена,“ изјави еден висок руски извор запознаен со размислувањата на Кремљ, кој зборуваше под услов на анонимност. Тројцата руски извори велат дека Путин сака „писмена“ заложба од водечките западни сили дека нема да го прошират НАТО – што во суштина значи формално исклучување на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики од можноста за членство.

Русија, исто така, сака Украина да остане неутрална, да се укинат дел од западните санкции, да се реши прашањето за замрзнатите руски државни средства на Запад и да се обезбеди заштита за руското население во Украина, велат изворите.

Првиот извор додаде дека, ако Путин сфати дека не може да постигне мировен договор според неговите услови, ќе се обиде преку воени победи да им покаже на Украинците и Европејците дека „мирот утре ќе биде уште поболен“.

Киев повторно истакна дека Русија не смее да добие право на вето врз неговите аспирации за членство во НАТО. Украина бара силни безбедносни гаранции од Западот што ќе спречат идни руски напади. Администрацијата на претседателот Володимир Зеленски не одговорила на барањето за коментар.

НАТО во минатото изјави дека нема да ја смени политиката на „отворени врати“ само затоа што Москва тоа го бара. Портпарол на алијансата од 32 членки не одговори на прашањата на Ројтерс.

Путин нареди десетици илјади војници да влезат во Украина во февруари 2022 година, по осум години борби во источна Украина меѓу проруските сепаратисти и украинската армија.

Русија моментално контролира нешто помалку од една петтина од територијата на Украина. Иако руските напредувања се забрзаа изминатата година, војната има висока цена и за Русија и за Украина во однос на човечки жртви и воени трошоци.