Рускиот претседател Владимир Путин денеска разговарал со катарскиот емир, Тамим бин Хамад ал Тани, околу решавањето на дипломатската криза во односите на Катар со заливиските земји, соопшти Кремљ.

„Лидерите во текот на телефонскиот разговор долго зборуваа за кризата во односите на Катар со соседните земји. Путин го нагласи значењето на вложувањето дипломатски напори за решавање на кризата и за нормализација на ситуацијата“, било наведено во соопштението, јавуваат агенциите.

Кремљ претходно денеска соопшти дека Путин разговарал и со кралот на Бахреин, Хамад бин Иса ал Халиф, исто така за решавањето на заливската криза.

Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин го изолираа Катар и минатата недела поставија 13 барања кои земјата мора да ги исполни во рок од 10 дена доколку сака да бидат укинати дипломатските санкции воведени поради наводно финансирање на терористички групи.

Катар ги отфрли барањата, оценувајќи ги како неразумни. Русија оттогаш повикува на дијалог и ја нуди својата помош во решавањето на кризата.