Рускиот претседател Владимир Путин синоќа во интервју за „Вести ТВ“ соопшти дека 755 американски дипломати мора да ја напуштат Русија и оти Москва би можела да разгледа и дополнителни мерки како одговор на најновите санкции на Вашингтон.
Путин рече дека САД имаат рок за намалување на дипломатскиот и на техничкиот персонал до 1 септември.
– Повеќе од 1.000 луѓе работеа и сè уште работат во американската амбасада и во конзулатите – рече Путин и додаде дека 755 американски дипломати мора да ја прекинат својата активност во Русија.
Москва во петокот им соопшти на САД да повлечат стотина дипломати и службеници и рече дека ќе заплени два дипломатски имоти на САД, откако Претставничкиот дом на САД и Сенатот ги одобрија новите санкции за Русија. Белата куќа во петокот соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе го потпише пакетот санкции.
САД изразија жалење поради одлуката на Русија да го намали бројот на американски дипломати, наведувајќи дека сè уште не е донесена одлука за таа мерка, соопшти доцна синоќа Стејт департментот.
„Тоа е жална и неоправдана одлука. Го проценуваме влијанието на тоа ограничување и начинот на кој ќе одговориме на таа мерка“, стои во соопштението од американското Министерство за надворешни работи.