Фото: Укринформ

Рускиот претседател Владимир Путин денеска им нареди на нејзините сили да ги запрат нападите на челичарницата Азовстал во Мариупол, но и да го блокираат влезот и излезот во овој огромен индустриски комплекс. Ваквиот потег следи откако рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу призна дека борбите за Мариупол продолжуваат околу оваа фабрика, во која има илјадници украински борци, пренесува Гардијан.

По ваквата објава од руска страна, Олексиј Арестович, советник на украинскиот претседател изјави дека блокадата на Азовстал е објавена поради тоа што Русија не може да ја заземе на сила.

„Тие не можат да ја заземат Азовстал, тие го разбраа ова, тие претрпеа огромни загуби таму. Нашите бранители и понатаму ја држат“, изјави Арестович.

Според податоците што ги објавува Гардијан, една од најголемите челичарници во Европа се протега на 11 километри квадратни, која што има и подземни тунели и е лоцирана на брегот на Азовското море. Се верува дека во индустрискиот комплекс има околу 2.000 украински војници и околу 1.000 цивили.

Инаку, Би-би-си го објави тврдењето на украинската војска дека руските сили вршат насилна мобилизација на локално население од градот Херсон, кој што со недели наназад е под нивна окупација.

Во меѓувреме, украинските сили за агенцијата Франс Прес објавија дека телата на 1.020 убиени граѓани се пронајдени во околината на Киевскиот регион откако руската војска се повлече од окупираните територии. Во градот Бородјанка, пронајдени се две нови гробници со закопани цивили. Станува збор за цивили коишто биле убиени од руските војници, иако не давале отпор во периодот на окупацијата на овие населени места.