Рускиот претседател Владимир Путин му ја честиташе победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД. За време на широко обраќање на настан во градот Сочи, Путин го нарече Трамп „храбар“, велејќи дека тој претрпел „напади од сите страни“ за време на неговиот прв мандат, од 2017 до 2021 година, пренесува Би-би-си.
Рускиот претседател додаде дека „заслужува да се обрне внимание“ на тврдењето на Трамп дека би можел да ја „реши“ војната во Украина за еден ден. Трамп нема објаснето како би го сторил истото.
Путин исто така го коментираше обидот за атентат врз Трамп.
„Според мене, тој се однесуваше на многу коректен начин, храбро, како маж“, рече Путин и дополни дека му оставило силен впечаток тоа што Трамп извикал „бори се, бори се, бори се!“ веднаш по нападот.
Путин изјави оти тој е подготвен да зборува со Трамп. Трамп, пак, вчера изјави оти е подготвен за истото.
Русија беше обвинета за мешање во изборниот процес во 2016 година, кога Трамп победи на тогашните претседателски избори. Специјалниот обвинител Роберт Мулер го истражуваше случајот. Во извештајот кој излезе три години по почетокот на истрагата, Мулер откри дека нашле докази за заговор.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека имал „топол и продуктивен“ разговор со идниот претседател.
„Сепак, мораме да направиме сè за да се осигураме дека односите помеѓу Украина и Америка, како и помеѓу Европа и Америка, се продуктивни и позитивни“, додаде Зеленски.