Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврдил дека рускиот претседател Владимир Путин за денеска попладне планира телефонски да разговара со својот американски колега, Доналд Трамп, јавуваат светските агенции.

„Го потврдуваме разговорот“, рекол Песков за порталот „Спутник“, откако Белата куќа го објави денешниот дневен распоред, кој почнува со разговор на Трамп со Путин, во 14.20 часот по средноевропско време.

Ова, како што јавуваат агенциите, ќе биде трет разговор помеѓу двајцата претседатели, по инаугурацијата на Трамп, во средината на јануари годинава.

Првиот беше одржан во јануари, а двајцата лидери развораа за борбата против тероризмот, конфликтот во Сирија и за ситуацијата во Украина и разменија мислења за главните прашања околу билатералните односи помеѓу САД и Русија.

Вториот разговор беше одржан на почетокот на април, по терористичкиот напад во Санкт Петерсбург.