„Пустелија“ – соработка на Љубојна и Дулелуд (Dulelud)

Фото: Скриншот преземен од видео спотот

Македонскиот етно состав Љубојна и продуцентот Дулелуд (Dulelud) го претставија својот прв заеднички проект, песната „Пустелија“. Песната е микс на електронска музика и препознатливиот етно и светски музички стил кој Љубојна го практикува од своите почетоци. Промоцијата на видеото се одржа на 16 ноември 2021 година.

Вокалот во „Пустелија“ е на Вера Милошевска, а музиката е соработка на Оливер Јосифовски од Љубојна и Душко Вељановски – Дуле. Вељановски е заслужен и за аудиомиксот и аудиопродукцијата. Песната е достапна за преслушување на YouTube, како и на веб сајтовите на други популарни сервиси за преслушување музика (Deezer, Spotify, Apple Music).

Видеото е дело на Виктор Стоимиров. Спотот е снимен во Силвер лејк сенд дјунс во Мичиген, САД. Аудио записот за „Пустелија“ е издаден летово.

Ова не е прва соработка на Љубојна во која влегуваат и експериментираат во повеќе различни жанрови. Вера Милошевска е гостин и на синглот „Не време“ на Funk Shui. Последното издание на Љубојна е саундтрајкот од филмот „Стела“.