Од денес во употреба е пуштена железничката пруга Куманово – Бељаковце, која е дел од Коридорот 8. Пругата со должина од 30,8 километри вклучува три нови железнички станици, шест стојалишта, пет мостови, еден тунел и многу други инфраструктурни објекти.
Меѓу првите патници во возот на оваа релација беа премиерот Христијан Мицкоски, неколку министри, заменици и директори.
Мицкоски информираше дека во оваа пруга биле инвестирани повеќе од 78 милиони евра. Дел од средствата се обезбедени од ЕУ и ЕБОР, а во сегменти на оваа пруга преку свои активности учествуваа и компании од Италија, Словенија, Австрија и други европски држави.
„Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа. Речиси 28 години потоа, еве на еден убав настан, каде сме сведоци на пуштањето во употреба да модерна железница, важен сегмент на Коридорот 8“, изјави Мицкоски денес.
Тој рече дека коридорите 8 и 10 се главен приоритет за оваа Влада. Додаде дека е убеден оти наскоро ќе се заврши и втората, а потоа и третата секција од пругата, со што земјава ќе се поврзе со Бугарија.
„А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија, односно Коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското“, изјави Мицкоски.