Илустрација: ЈСП Скопје

ЈСП Скопје соопшти дека од денеска во билетарниците и центрите за персонализација на јавното превозно претпријатие од денеска може да се купи поединечен дневен билет, по цена од 120 денари.

Станува збор за посебен билет, кој важи за возење на сите линии на јавниот автобуски превоз се до крајот на денот, односно најрано може да се поништи во 5 часот, и потоа да се користи до полноќ.

Дневен билет досега беше достапен само преку валидаторите во автобусите, односно со притискање на најгорното десно копче на апаратот, а потоа доближување на електронската картичка „Скопска“ до валидаторот, се добива дневен билет само за градски линии по цена од 120 денари, односно од 150 денари за сите линии, во зависност од тоа дали ваквото купување дневен билет ќе го направите во автобус што сообраќа на градска, односно на приградска линија.

Од денеска, за неограничен број возења може да се купи и новиот, посебен билет, и да се користи на сите линии. Патникот има обврска да го валидира билетот на постоечките валидатори во секое возило во кое ќе преседнува.

„Билетот се воведува со цел да се овозможи подостапно и полесно користењето на јавниот превоз на оние патници кои имаат потреба од повеќекратно користење на јавен превоз во текот на еден ден, а не поседуваат електронска картичка „Скопска“ (туристи, граѓани од внатрешноста, граѓани кои инцидентно имаат потреба од јавен превоз и слично)“, известуваат од ЈСП Скопје.