На 08.05.2025 во 21.25 часот во СВР Штип е пријавено дека во угостителски објект на Градскиот плоштад во Штип било пукано со пиштол кон Е.О.(25) од Република Турција, по што сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска извршил увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.

Напаѓачот и жртвата се идентификувани и станува збор за странски државјани.

Од лице место подигнати се чаури и други траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телото на починатиот е дадено за обдукција. Обезбедени се и прегледани снимки од видео надзор. Се преземаат и други дејствија за обезбедување докази, а увидните дејствија на локацијата ќе продолжат и денеска.

Јавниот обвинител во текот на ноќта издаваше повеќе насоки и наредби за пронаоѓање на сторителот кој е во бегство.

По преземени мерки и активности, при што бил употребен и дрон, во близина на наплатна рампа Миладиновци, полициски службеници од слобода ги лишиле К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на делото, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото.

Имено, во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле  А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода.

Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.