Завршена е епидемиолошката анкета на 15-те вработени во скопската Зоолошка градина од страна на епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), откако во скопската Зоолошка градина беше откриен вирусот птичји грип кај една од гуските, по што инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство усмртија над 30 птици кои се движеле слободно во установата.
За четворица од вработените во текот на утрешниот ден ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај еден од нив, кој во петокот пројавил симптоми на покачена температура и дијареја ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.
„Здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали ќе пројават било каков симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип. Тие секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба, изјави денеска Марија Андоновска, директорка на Институтот за јавно здравје.
Во меѓувреме, за случајот со птичји грип, од АХВ прстот го вперуваат кон Зоолошката градина, а големи реакции има во јавноста по објавувањето на снимките на кои се гледа како инспекторите на терен фрлаат полуживи шатки и гуски во канти за отпадоци.
„ЗОО Скопје иако детектирало угинато животно на ден 14.10.2024 год, не постапила по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно Член 50 на (Закон за ветеринарно здравство бр.113/2007; бр.24/11; 136/11; 123/12;154/15 и 53/16), Прекршувајки ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15.10.2024 год. На ден 18.10.2024 год за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ“, се вели во соопштението на АХВ.
Вчера, надлежниот официјален ветеринар од АХВ заедно со Раководителот на СЗЗБЖ овластен од страна на в.д. директорот Оливер Миланов изврши вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје. Донесена е забрана за влез на посетители и забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица, со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците.
Останати мерки кои се донесени се следните: Земање, пакување и испраќање на примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца; чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во зона во која се движат овој вид на птици; Забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето.
Дополнително, се задолжува надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и дивите птици до надлежниот официјален ветеринар.
„Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото“, велат од АХВ и најавуваат дека сомнежите за тоа дали ЗОО Скопје е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и до сега според законските прописи и угинувањето на многу животни за краток временски период ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи.
Даниловски: Граѓаните можат да бидат спокојни
Птичјиот грип циркулира меѓу дивите птици, како што се патките, гуските и крајбрежните птици. Подтипот H5N1 и е многу заразен меѓу птиците, а дивите птици лесно можат да го пренесат вирусот на домашната живина, како што се кокошките и патките. Додека некои видови птици може да го носат и шират вирусот без да покажуваат симптоми, други може да доживеат тешка болест и високи стапки на смртност.
Освен тоа што е високо заразна меѓу живината, вирусите на Авијарна Инфлуенца лесно се пренесува од одгледувалиште до одгледувалиште преку движење на домашните птици и луѓето (преку контаминирани чевли и облека), контаминирани возила, опрема, храна и кафези.
Период на инкубација на болеста е 3 до 5 дена.
Високо патоген вирус може да преживее долги периоди во животната средина, особено на ниски температури. На пример, на високо патоген Х5Н1 вирус може да опстане во измет од птици најмалку 35 дена при ниска температура (4ºC). На повисока температура (37ºC), Х5Н1 вирусот во фекални примероци преживува шест дена.
Случаите на пренесување на овој вирус кај луѓето се ретки, односно тоа може да се случи преку близок контакт со заразени птици или нивните средини. Вирусите на грип, подложени на мутација, можат да патуваат од нивните оригинални домаќини – во овој случај, птиците – до луѓето. Преносот може да се случи преку различни средства, како што е вдишување на вирусни честички во воздухот или преку контакт со контаминирани површини.
Епидемиологот Драган Даниловски на својот Фејсбук профил напиша дека нема потреба од паника кај граѓаните за овој случај и порача да бидат спокојни.
„Мутации кај вирусот се случуваат кога циркулира меѓу големи популации на животни (во случајов птици), со што може да ја зголеми патогеноста. Но, една угината птица од која е изолиран вирусот не мора да значи дека цела зоолошка градина и цел парк се со заразени птици. Мерките што АХВ ги има преземено денес (колку и да изгледаат отстрана драматично) – и што ќе ги презема наредните денови, се легитимни и легални, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца. АХВ го превенира ширењето со ригорозни мерки, без толеранција, согласно Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца“, напиша тој.
Даниловски тврди дека практично, под ризик да се заразат се исклучиво птиците и ако не се спречи ширењето меѓу нив, можни се големи загуби во живинарските фарми и последици врз увозот и извозот на живина.
„Нема овде работа за Институтот за јавно здравје, ниту за Центрите за јавно здравје, освен ако има заболени граѓани. А за тоа ризиците се минимални. Како може човек да се зарази? Само ако дојде во контакт со секрети и екскрети, крв и месо на заразена птица, ако допре површина контаминирана со вирусот, а потоа ги допре очите, носот или устата. Вирусот може да биде вдишан и преку капки или прашина во воздухот. Од ова е јасно дека под ризик се само луѓе кои професионално работат со живина.
Не постои ризик од заразување од месо и јајца од заразена живина ако тие добро термички се обработат (сварат, испржат, испечат). Секако, треба добро да се измијат рацете по манипулација со свежо месо“, пишува Даниловски.
Тој додава дека преносот од човек на човек е многу редок. Досега не е докажан случај на пренос на овој високопатоген сој од живина на луѓе, иако повеќе години циркулира меѓу птиците во земјите од ЕУ.
„Знаците и симптомите на птичјиот грип кај луѓе може да вклучуваат висока температура, кашлица, воспалено грло, болки во мускулите, пневмонија, отежнато дишење, отежнато дишење, акутен респираторен дистрес, респираторна инсуфициенција, гадење, абдоминална болка, дијареа, повраќање и понекогаш невролошки промени (изменет ментален статус, епилептични напади).
Стапката на смртност од инфекција со H5N1 кај луѓето е релативно висока, проценета на околу 50%, што го прави еден од најсмртоносните познати видови на грип. Оттаму, навремениот медицински третман, вклучително и антивирусни лекови (oseltamivir (Tamiflu), baloxavir (Xofluza) и zanamivir (Relenza) е клучен. Наспроти сѐ, место за страв не треба да има, зашто, ризиците за заразување навистина се занемарливо мали“, заклучува Даниловски.
Гуската со птичји грип во ЗОО угинала уште во вторникот, периодот на инкубација е веќе поминат