fbpx

ПССЕ повика целосно да се спроведе Договорот од Пржино

-

Лиса Кристоферсон и Вакери Гилетчи, коизвестувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа за постнадзорен дијалогот со Македонија, на крајот на својата посета на Скопје ги повикаa политичките лидери да постигнат договор пред предвремените парламентарни избори.

Коизвестувачите велат дека земјата минува низ една од најсериозните политички кризи по 2001 година и оти Договорот од Пржино, кој го постигнаа главните политички партии, е невиден момент во земјата кој ја означува длабоката поларизација.

„Ги охрабруваме сите партии целосно да го имплементираат Договорот. Нашите разговори покажуваат дека сите партии остануваат посветени на имплементацијата, иако се забележани одложувања за одредени прашања. Несомнено, Договорот од Пржино вклучува важни позитивни чекори за подобрување на изборната рамка и за продолжување на реформските процеси. Договорот обезбедува ревидиран состав и засилени компетенции на ДИК, надградба на изборниот закон и прочистување на избирачкиот список, што и понатаму е клучно прашање“, стои во соопштението на коизвестувачите.

Според нив, оставката на премиерот Никола Груевски и назначувањето на техничка влада, во која две клучни министерства се во рацете на опозицијата, треба да го обезбедат организирањето на предвремените избори. Тие, исто така, го поздравија назначувањето на Специјалното обвинителство.

„Очекуваме Специјалното обвинителство да спроведе фер и темелна истрага, ослободено од политичко и од друг вид мешање, а судството да го истера процесот докрај. Сите страни се договорија дека предвремени избори се единствен излез од политичката криза. Од разговорите што ги имавме со политичките лидери, ресорните министерства, ДИК и со другите, разбравме дека постојат разни гледишта за состојбата и за степенот на имплементација на договорот. Сè уште се подготвуваат бројни извештаи кои треба да ги оценат условите за предвремените избори. До 24 февруари, на крајот на евалуацискиот процес, парламентарците, кои имаат добиено мандат од граѓаните, ќе ги земат предвид сите аргументи и ќе ја донесат конечната одлука, односно закажување предвремени избори, како што претходно беше договорено“, стои во соопштението.

Коизвестувачите ги потсетуваат политичките партии дека се договориле по изборите да ги решат системските проблеми што се откриени со политичката криза и да ги имплементираат итните реформи што ги утврди Европската комисија, а кои, исто така, се наоѓаат во препораките на Парламентарното собрание. Во соопштението се истакнува дека неопходни се реформи за независно судство, борба против корупцијата и слобода на медиумите.

„Организирањето на предвремените избори беше договорено од сите политички сили и ги повикуваме да не ја пропуштат шансата, да ги продолжат преговорите и да направат компромис за да може да се организираат значајни избори. Како што беше истакнато во Договорот, тоа треба да биде постигнато „во интерес на народот“, кој има право на слободни и фер избори, под услов да постои вистински избор на политичките опции што можат да бидат претставени во парламентот. Очекуваме новоизбраниот парламент да обезбеди простор за демократска дискусија и одлуки за спроведување на итните реформи, кои ќе овозможат консолидирање на функционирањето на демократските институции, зајакнување на независноста на регулаторните тела и враќање на довербата на луѓето во нивните институции“, стои во соопштението и се наведува дека ваквите процеси ќе придонесат за враќање и за зајакнување на евроатлантската интеграција на земјата.

Коизвестувачите, исто така, порачаа да продолжи спроведувањето на Резолуцијата на ПССЕ 1949 (2013) за постнадзорниот дијалог и прашања во однос на состојбата на човековите права, владеењето на правото и демократијата во земјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

МВР: Фотографирани гласачки ливчиња во Скопје, Охрид, Берово и Радовиш

Пет лица си ги фотографирале гласачките ливчиња во текот на денешното гласање, соопшти  Министерството за внатрешни работи (МВР). Станува збор за два случаи во Скопје и по еден во радовишко,...