Здружението Андерфест на 7 август во Стар Дојран ќе го одржи првото издание на Дојран Рок Фест, информираат организаторите на фестивалот.
„Особено сме горди и посебно возбудени за овој проект бидејќи излегуваме од границите на градот Скопје и се упатуваме кон нашиот бисер на југот Дојран. Еднодневниот фестивал планираме да се одржи на 7 август 2021 година на плоштадот во Стар Дојран“, соопштуваат организаторите на фестивалот.
На фестивалот се очекува да настапат неколку реномирани, но и млади изведувачи со што ќе се придонесе за збогатување на културниот живот во општина Дојран и околината. Влезот за публиката ќе биде бесплатен.
„Исто така планираме овој фестивал да биде традиционален и да влезе во агендата на летни фестивали кои во екот на туристичката сезона ќе привлечат уште повеќе млади лица во Дојран“, информираат од Здружението Андерфест.
На фестивалот на 7 август ќе настапат 5 различни музички групи исклучиво од нашата држава, и тоа: Bad Obsession, High Voltage, Cruel, Daktili и The Chicks.
Организаторите потсетуваат дека посетители на фестивалот мора да се придржуваат до мерките пропишани за одржување на јавни настани и одржување на пропишаната физичка дистанца за заштита од ковид-19. Настанот е поддржан од Министерството за култура.