fbpx

Првите дози од вакцините на „Фајзер/Бионтек“ обезбедени преку ЕУ ќе пристигнат во мај

-

Првите дози на вакцините од „Фајзер/Бионтек“ за земјите од Западен Балкан, обезбедени преку механизмот на ЕУ и Австрија, ќе пристигнат во текот на мај, а испораката на останатите количини ќе продолжи до август, соопшти Европската комисија. ЕК ја потврди информацијата објавена од Австрија дека до крајот на август ќе испорача 651.000 дози на вакцини. Северна Македонија преку овој механизам е планирано да добие 119.000 дози на вакцини.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен рече дека клучно е да се забрзаат кампањите за вакцинација насекаде.

„Среќна сум да објавам дека обезбедивме дози за да помогнеме во вакцинирањето на здравствените работници и другите ранливи групи во Западен Балкан. Европската унија е покрај нашите партнери во регионот кои бараа поддршка од нас,“ изјави Фон дер Лајен.

Комесарот за проширување и соседство, Оливер Вархеји додаде дека и покрај сегашниот глобален недостиг, ЕУ ќе достави вакцини за спасување животи за Западен Балкан.

„Обезбедивме поддршка од почетокот на пандемијата со ковид-19. Прво, со итна медицинска опрема како маски, респиратори, единици за интензивна нега и возила за брза помош; второ, со зајакнување на отпорноста. Сега, ќе помогнеме да се обезбеди вакцинација на сите медицински работници кои се на првата линија низ целиот регион, како и на некои од другите ранливи групи. Ние се грижиме за Западен Балкан чија иднина е во Европската унија,“ изјави Вархеји.

Австрискиот министер за надворешни работи, Александар Шаленберг истакна дека главен приоритет е да се направат вакцините против ковид-19 брзо и сеопфатно достапни за луѓето ширум Европа.

„Во овој контекст, поддршката за Западен Балкан за добивање вакцини е чин на европска солидарност и инвестиција во здравјето и безбедноста на целиот регион. На крајот на краиштата, празни места на картата за вакцинација, каде и да се, претставуваат опасност за сите нас. Никој не е безбеден се додека сите не бидат безбедни,“ рече Шаленберг.

Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини преку правни договори со производителот и партнерите од Западен Балкан. Дозите се финансираат од пакетот вреден 70 милиони евра усвоен од Комисијата во декември 2020 година за да се покријат трошоците за вакцините, обезбедени преку договорите за авансна набавка на ЕУ за партнерите од Западен Балкан. Целокупната дистрибуција помеѓу земјите ќе се заснова на епидемиолошките потреби, приоритет се медицинските работници кои се на првата линија и другите ранливи групи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бујар Османи не ги прекинува предизборните активности

Од објавените наслови се добива впечаток дека Османи се откажува од претседателската трка, а вистината е дека поради здравствени семејни причини ги откажа предизборните активности на 16 април. Но,...