Астронаутите на НАСА, Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и астронаутот на Канадската вселенска агенција, Џереми Хансен, слетаа во Тихиот Океан во петокот во 17:07 часот по локално време, во близина на Сан Диего. Со тоа ја завршија речиси десетдневната мисија, при која достигнаа максимална оддалеченост од Земјата од 406.771 километри.

„Рид, Виктор, Кристина и Џереми, добредојдовте дома и честитки за навистина историско достигнување. НАСА му е благодарна на претседателот Доналд Трамп и на партнерите во Конгресот што го обезбедија мандатот и ресурсите што ја овозможија оваа мисија и иднината на програмата ‘Артемис’“, изјави администраторот на НАСА, Џаред Ајзакман.

Тој нагласи дека „Артемис II“ ја демонстрирала извонредната подготвеност, храброст и посветеност на екипажот, кој ги поместил границите на човечкото истражување подалеку од кога било досега, тестирајќи ги ракетата СЛС и вселенското летало „Орион“.

По слетувањето, астронаутите биле пречекани од заеднички тим на НАСА и американската војска, кој помогнал при нивното извлекување од леталото и нивен транспорт со хеликоптер до бродот „УСС Џон П. Мурта“, каде биле извршени првични медицински прегледи. Се очекува тие да се вратат во вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон.

Во текот на мисијата, екипажот прелета вкупно 1.117.659 километри, а нивниот прелет покрај Месечината ги однесе подалеку од Земјата од кој било човек досега, надминувајќи го рекордот поставен во 1970 година од астронаутите на мисијата „Аполо 13“.

Фотографија направена од екипажот на „Орион“ на која се гледа месечината во преден план и планетата земја зад неа | Фото: НАСА

Мисијата започна на 1 април од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, кога ракетата СЛС го испрати екипажот во орбитата во леталото „Орион“. Во првите денови од летот беа извршени проверки на системите, по што леталото беше насочено кон Месечината. Најблиската точка до нејзината површина беше оддалечена 6.545 километри.

„Екипажот на ‘Артемис II’ се врати дома. Системите за влез, спуштање и слетување функционираа според планот и летот беше успешно завршен. Овој момент им припаѓа на илјадници луѓе од 14 земји кои го изградија, тестираа и му веруваа на ова летало“, изјави заменик-администраторот на НАСА, Амит Кшатрија.

За време на мисијата, астронаутите ги тестираа системите за одржување во живот, рачно управуваа со леталото и спроведоа научни истражувања за влијанието на микрогравитацијата и вселенската радијација врз човечкото тело.

Екипажот направи повеќе од 7.000 фотографии од Месечината и вселената, вклучително и затемнување на сонцето, како и снимки од кратери и површински структури. Дел од фотографиите ги прикажуваат и појавите „земјозајдисонце“ и „земјоизгрејсонце“, гледани од орбитата околу Месечината.

Со успешното завршување на „Артемис II“, НАСА го насочува вниманието кон следната мисија „Артемис III“, која има за цел повторно да испрати луѓе на површината на Месечината, да воспостави долгорочно присуство и да постави основа за идни мисии кон Марс.