Седумнаесет милиони евра е вкупниот долг за неплатен данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка и персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување само на првите десет државни „ентитети“ на списокот на должници на Управата за јавни приходи. На последната, 12-та, листа на УЈП за долгови доспеани до 31 август и неплатени до 30 ноември се набројани повеќе од 4.300 должници, од кои околу 2.590 правни лица, кои заедно должат 163 милиони евра.

Прво државно претпријатие на листата должници е Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта со долг од 252 милиони денари за ДДВ и данок на добивка. Околу 208 милиони денари должи гостиварското комунално претпријатие, кое не платило и персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување. Фабриката „Еурокомпозит“, по тие три основи, должи 145 милиони денари, а тетовското комунално претпријатие 133 милиони.

Следат комуналното претпријатие од Дебар (85 милиони), Општина Карпош, која должи 57 милиони за ДДВ, Јавното претпријатие за стопанисување со спротски објекти во сопственост на државата, со долг од 51 милион денари, и Јавното претпријатие „Железници“ со 45 милиони денари неплатен ДДВ.

На деветото место е уште едно железничко претпријатие, фабриката за шински возила „Колска“ од Велес, која на УЈП му должи речиси 44 милиони за ДДВ и данок на добивка. Последно меѓу првите десет државни должници е Јавното претпријатие „Билјанини извори“ од Охрид со долг од 25 милиони за ДДВ и данок на добивка.

Меѓу најголемите државни должници, веднаш по првите 10, се и ЈП „Македонска радиодифузија“, која должи 25 милиони денари за данок на добивка, и МРТ со 18 милиони долг по истата основа.

Речиси половина од државните фирми и јавни претпријатија се со загуби. Тоа го потврдуваат бројни анализи, според кои повеќе од 50 отсто од претпријатијата пријавиле загуба барем во една од последните три години, а секое трето во сите три години.

Секоја државна ревизија во јавните претпријатија во минатите пет години утврдила некое прекршување на закон или процедура. Државните претпријатија во просек доцнеле со исплата на обврските 62 дена, или двојно подолго од законскиот рок од 60 дена, а најзадоцнетата забележана исплата е 445 дена, или речиси 15 месеци, по законскиот рок. За наплата на побарувања, пак, претпријатијата доцнеле во просек по три месеци по законскиот рок. Најнеажурната наплата во истражувањето е 775 дена по законскиот рок, или за две години и 45 дена.

Само едно од десет јавни претпријатија има меѓународен стандард за квалитет, три четвртини немаат акт за овластување за носење одлуки, а секое второ нема систем за управување со документи.