fbpx

Првиот собраниски ден мина во кавги помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ

-

Попладневниот дел од денешната седница на Собранието на Република Македонија за избор на новата влада предложена од мандатарот Зоран Заев, помина во знак на расправии околу тоа кој бил криминалец, кој колку направил и кој е инкриминиран, а кој не, но и во расправии за процедурите – кој колку може да зборува – помеѓу претседателот на Собранието, Талат Џафери, и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Владимир Ѓорчев. При крајот дискусијата се сврте и кон економијата, но и на отсуството на Албанки во владата која треба да се избира.

По паузата за ручек имаше реплики и контрареплики меѓу Томислав Тунтев од СДСМ, Антонио Милошоски, Фросина Ташевска-Ременски, Илија Димовски, за политички реваншизам, „тефтерчето на Гордана и сваровски-судството“, но и за „криминалот“ или успехот на Бујар Османи.

Ременски, одговарајќи им на Милошоски и на Димовски, им порача дека очекува двајцата да се извинат за настаните од 27 април и за однесувањето на нивните колеги пратеници ако сакаат да бидат сфатени сериозно.

Африм Гаши, координаторот на пратеничката група на Беса, рече дека во сите влади од осамостојувањето досега, македонските политички елити ги скројувале политичарите и државните функционери Албанци како што им одговарало ним и порача дека неговата партија нема да биде со никого, туку ќе биде само на страната на Албанците.

Џевад Адеми од ДУИ порача дека дали некому му се допаѓало тоа или не, ништо не може да се направи без ДУИ, па ни новата влада, во која неговата партија, како што рече, влегува со најдобри кадри и со најдобри намери, но и дека пратеничката група на партијата ќе биде и поддржувач и жесток критичар на власта, „па нема да има потреба од опозиција“.

Илија Димовски го праша Адеми да каже дали има или не „тиранска платформа“, на што Адеми кратко реплицираше дека тоа ВМРО-ДПМНЕ добро го знае, оти „албанската платформа“ била на маса на таа партија до 29 јануари.

По ова уследи долга дискусија на Талат Џафери и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои дофрлуваа од место, околу правото и можноста за процедурални забелешки и за тоа кој колку може да зборува. Ситуацијата „ескалираше“ кога Ѓорчев без да добие збор дојде на собраниската говорница, на што Џафери му посочи дека треба да се врати на место оти не смее да зборува додека не добие збор. Бидејќи Ѓорчев не сакаше да си замине од говорницата и инсистираше да се обрати процедурално, Џафери даде пауза до 18 часот.

По паузата продолжи расправата околу правото на дискусии, а во конфронтацијата помеѓу Џафери и Ѓорчев се споменуваше и читањето поезија и молчењето во Собранието од страна на Џафери.

Дискусијата потоа се префрли на економијата, со учество на Хари Локвенец, Томислав Тунтев, Лилјана Кузмановска, Ѓорчев, но и на Петре Шилегов, при што се зборуваше кој и што направил и кој што ќе направи, а во дискусиите се споменуваа и „тендераши и партиски војници“.

Пред прекинот на седницата во 19.20 часот, Теута Биљали од Беса ја пренасочи дискусијата од економските теми, посочувајќи дека е разочарувачки што во кабинетот предложен од Заев нема ниту една министерка – Албанка.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, продолжението на седницата за избор на новата влада го закажа за утре во 12 часот. Според деловникот на Собранието, седницата за избор на влада трае два дена, односно гласањето за владиниот кабинет предложен од мандатарот Зоран Заев треба да биде најдоцна до утре на полноќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...