Првата слика од телескопот „Џејмс Веб“ ги прикажа најдалечните галаксии

фото: НАСА

НАСА објави фотографија од далечни галаксии какви што биле пред 13 милијарди години, снимена од „Џејмс Веб“, најмоќниот телескоп кој некогаш бил лансиран во вселената и кој ветува дека ќе го преобликува нашето разбирање за универзумот, пишува „Гардијан“.

Малиот дел од универзумот, наречен SMACS 0723, е снимен со богати детали со вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, прикажувајќи ја светлината од повеќе различни галаксии. Американскиот претседател Џо Бајден, кој ја откри сликата на настан во Белата куќа, овој момент го нарече „историски“ и рече дека претставува „нов прозорец во историјата на нашиот универзум“.

Администраторот на НАСА, Бил Нелсон, рече дека сликата ја прикажува светлината на галаксиите која поминува низ други галаксии, патувајќи милијарди години пред да стигне до телескопот.

„Ние гледаме наназад повеќе од 13 милијарди години. Се враќаме речиси на почетокот“, изјави Нелсон, а пренесе „Гардијан“.

Нелсон додаде дека понатаму вселенската агенција ќе објави повеќе слики, кои ќе „допрат“ уште подалеку – околу 13,5 милијарди години – блиску до проценетата почетна точка на самиот универзум.

Телескопот „Џејмс Веб“ може да ѕирне во атмосферата на егзопланетите и да ги набљудува некои од најстарите галаксии во универзумот со користење на систем од леќи, филтри и призми за откривање сигнали во инфрацрвениот спектар, кој е невидлив за човечкото око. Телескопот, кој е заеднички проект со Европската вселенска агенција, е во развој од средината на 1990-тите години и конечно беше лансиран во вселената во декември.

Првичната цел на проектот беше да се видат првите ѕвезди и галаксии формирани по големата експлозија.

Камала Харис, потпретседателката на САД, рече дека телескопот треба да се смета за едно од најголемите инженерски достигнувања во човештвото.

Објавената фотографија од НАСА беше најава за серијата фотографии во боја кои ќе бидат објавени на настан кој ќе започне денеска во 15:45 часот по македонско време. Настанот во живо може да се следи на веб-страницата на НАСА.