Првата издадена книга напишана со помош на вештачка интелигенција наиде на лавина реакции

Фото: Nick Morrison on Unsplash

Амаар Реши ја напиша и дизајнираше првата книга за деца во рок од 72 часа, користејќи ги ChatGPT и Midjourney, но користењето на генераторите на содржина со помош на вештачка интелигенција предизвика лавина од реакции кај уметниците, пишува Insider.

Реши, менаџер за дизајн на производи во финансиско-технолошка компанија со седиште во Сан Франциско, изјавил за Insider дека тој имал мало искуство во илустрација или креативно пишување, па затоа се свртел кон алатките за вештачка интелигенција. Тој редовно ѝ читал приказни на неговата ќерка пред заспивање, но се решил да напише и една своја книга за деца.

Во декември тој ја употребил алатката ChatGPT за да ја напише книгата за деца „Alice and Sparkle“. Станува збор за приказна за девојката по име Алис, која сака да научи за светот на технологијата и нејзиниот пријател-робот, Sparkle. Потоа тој го искористил Midjourney, генератор на уметност со вештачка интелигенција, за да ја илустрира содржината на книгата.

Само 72 часа подоцна, Реши самостојно ја објавил својата книга во дигиталната книжарница на Амазон. Веќе наредниот ден, тој ја имал во рацете и отпечатената верзија на книгата за деца, направена бесплатно преку друга услуга на Amazon наречена KDP.

Тој рече дека не платил ништо за да ја создаде и објави книгата, иако веќе се имал претплатено на Midjourney за 30 долари месечно.

Импресиониран од брзината и резултатите на неговиот проект, Реши го споделил неговото искуство на Твитер, кое привлече неколку илјади коментари и ретвитови. Сепак, покрај позитивните реакции од корисниците, имало и критики од уметниците.

Во реакциите за издадената книга, дел од уметниците тврдат дека генераторите на уметност со вештачка интелигенција им ја крадат работата.

Некои уметници тврдат дека нивната уметност е искористена за обука на генератори на слики со вештачка интелигенција, како што е Midjourney без да биде побарана нивна дозвола. Корисниците можат да ги внесат имињата на уметниците како инструкции за генерирање уметност во нивниот стил.

Ажурирањето на Lensa AI, алатка за уредување фотографии, стана вирално на социјалните мрежи минатата година, откако лансираше ажурирање што користеше вештачка интелигенција за да ги трансформира селфи-фотографиите на корисниците во уметнички дела, што ги натера уметниците да ја истакнат својата загриженост за програмите за вештачка интелигенција земајќи инспирација од нивната работа без дозвола или плаќање.

„Едноставно бев шокиран и искрено не знаев како да се справам со тоа“, вели Амаар Реши.

Меѓу непријатните пораки, Реши рече дека наишол и на луѓе со разумни и валидни грижи. Од разговорите со дел од уметниците, тој сепак смета дека уметниците треба да бидат вклучени како соработници на алатките кои генерираат слики со вештачка интелигенција и дека нивниот „талент, вештина и напорна работа за да стигнат таму треба да се почитуваат“.

Во меѓувреме, книгата на Реши накратко беше отстранета од Амазон, кој ја паузирал продажбата од 6 јануари до 14 јануари, наведувајќи ја „сомнителната активност на прегледи“. Тој продал 841 примерок од детската книга пред да биде отстранет.

„Многу малку слики направени на нашата услуга се користат комерцијално. Тоа е речиси целосно за лична употреба“, изјавил за Insider основачот на Midjourney, Дејвид Холц.

Реши пак тврди дека во својот проект за создавање на детската книга никогаш не се залагал за барање авторство над книгата.

„Не би се нарекол себеси ни автор“, вели тој, иако додава дека процесот на создавање на истата сепак бил креативен, бидејќи поминал часови менувајќи му ги инструкциите на Midjourney за да создаде конзистентни илустрации.