fbpx

Прва заедничка литургија на поглаварите на МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија

-

Поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г. Стефан и на Вселенската патријаршија, Вартоломеј, денеска во Соборниот храм на Вселенската патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул ја одржаа првата заедничка литургија, откако МПЦ-ОА беше примена во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви.

Архиепископот Стефан во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул богослужеше на македонски јазик.

Заедничката богослужба се случува откако во четвртокот во манастирот „Балаклија“ вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство со останатите цркви. Со ова се отстрани повеќедеценискиот раскол наложен врз македонската црква.

По завршувањето на сослужувањето, Вселенскиот патријарх Вартоломеј се обрати и ја нагласи големината на дарот за верниот народ на празникот Педесетница со кој црквата во нашата земја станува еднаква со сите други во православниот свет.

Архиепископот Стефан во својот говор истакна дека копнежот на нашата јерархија и на православниот народ да ја видат Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална црква бил добро познат.

„Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам ви го оставаме судот на времето, но ве молиме – не зборавајте нѐ, помагајте ни да растеме“, порача г. Стефан.

На заедничката литургија во Истанбул присуствуваше и македонска делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, а присутни беа и верници од земјава. За време на литургијата на премиерот Ковачевски му беше укажана чест да ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш“ на македонски јазик, коишто се составен дел од богослужбата во православните храмови.

„Со оваа заедничка богослужба, како еден од чиновите со кој се потврдува приемот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во литургиско единство со сите православни цркви, се потврдува и одлуката на Вселенскиот патријарх и на Светиот патријаршиски синод на Вселенската патријаршија од 9 мај за отстранување на шизмата и за воспоставување на канонски статус на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија“, велат преку соопштение од Владата на Република Северна Македонија.

Одлуката на пратријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија е историски настан со кој се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Почина Велибор Џаровски – Џаро

По кусо боледување, денеска на 75 години почина Велибор Џаровски-Џаро, еден од најпознатите менаџери на просторите на бивша Југославија. Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза...