Северно-атлантската алијанса (НАТО) ја спроведува првата вежба на новите сили за брза реакција, во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Русија, јавува „Би-Би-Си“.

Силите за брза реакција се формирани по минатогодишниот Самит на НАТО во Велс, како одговор на кризата што беснее во Украина.

Повеќе од 2.000 трупи, од девет земји-членки на алијансата, учестуваат во првата вежба на силите за брза реакција, која почна неделава во Полска.

Новата единица треба да биде подготвена да одговори на секоја можна закана во рок од 48 часа.

Како што јавува „Би-Би-Си“, таа е копјето на комбинираната вооружена моќ на алијансата, која ја сочинуваат копнени трупи, вооружени хеликоптери, тенкови и воздушна поддршка од борбени авиони од типот „Ф-16“.

Според британскиот национален сервис, одржувањето на вежбата во Полска не е случајност и има цел да испрати порака до Москва дека НАТО е подготвена да ги брани своите граници.

Претставници на НАТО за „Би-Би-Си“ велат дека не сакаат нова трка во вооружување, но додаваат дека „мора да бидат подготвени да одговорат на секој нов предизвик“.

НАТО инсистира новата единица да биде сфатена како дел од колективната одбрана на алијансата, но на другите може да им изгледа како враќање на ерата на Студената војна, пренесува телевизијата.