Премиерата на претставата „Најважната работа на светот“ ќе го отвори новиот објект на велешкиот театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ вечерва во 20 часот.
Преставата е комедија во режија на Љубиша Георгиевски, а по текст на Братислав Димитров. Во неа глумат актерите Васил Зафирчев, Зоран Љутков, целокупниот театарски ансамбл на велешкиот театар, како и гостите Ирена Ристиќ и Благоја Чоревски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Мери Георгиевска, а музиката е на Гаврило Миловановиќ.
Оваа престава утре и задутре ќе има уште две изведби, а до крајот на месецот ќе има уште две репризи.
Новиот театарски објект е изграден на површина од 3.543 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет за 370 посетители, како и со мала сцена со можност да прими од 50 до 110 посетители.
Велешкиот театар ќе продолжи со својот редовен репертоар од февруари следната година.
Популарно
Прва премиера во новиот велешки театар
-
