fbpx

Прва оставка во владата на Ципрас

-

Падна првата оставка во владата на Алексис Ципрас. Алтернативната министерката за финансии, Надиа Валавани, го извести премиерот дека веќе не може да биде дел од владата. Валавани во писмо со личен тон, испратено до Ципрас уште во понеделникот, но објавено пладнево, истакнува дека до последен момент се надевала дека нема да има договор и дека нема да победи германската техника за целосно да се потчини и да се растури владата.

„Невозможно е да останам дел од владата. Сакам да верувам дека борбата ќе продолжи“, вели Валавани.

Остра критика против пакетот мерки и неговото гласање упати претседателката на собранито, Зои Константопулу, која со говор во собранието побара пратениците да гласаат против за да не дозволат да се спроведе политиката на целосно политичко потценување на Грција од германската канцеларка Ангела Меркел. Таа истакна дека гласот за мерките е глас да се продолжи со европските уцени врз грчката влада.

– Како претседател на Собранието, имам должност да не дозволиме уцените кон владата и кон Собранието да продолжат. Мораме да побараме од кредиторите да ги спроведат работите кои се нивна должност, да ја почитуваат демократијата. Ниту едно собрание не може да носи закони во такви услови – посочи Константопулу, која денес одби да го води гласањето за мерките.

Додека во собранието се води расправа за мерките, синдикатот АДЕДИ одржа протест пред собранието во знак на револт против мерките. Граѓаните испратија остра порака дека не се сложуваат со мерките, коментирајќи дека ќе ги одведат до нова рецесија и до нови финансиски тешкотии.

– Не се согласувам со мерките. Ова се мерки кои водат до нова рецесија, помали плати, поголема невработеност за сите. Не ни останува ништо друго освен да излеземе на улица и да го искажеме нашето несогласување со ова што го прави владата – вели еден средовечен граѓанин.

Некои забележуваат дека разбираат дека премиерот бил притиснат до ѕид и немал друг избор, но не може да се помират со мерките и со европските притисоци. Други, пак, велат дека се целосно разочарани од Ципрас зашто се надевале дека тој ќе донесе промени и оддишка за грчкиот народ.

– Очекувавме многу повеќе. Разочарани сме до бескрај. Тој прво ветуваше други работи со програмата на владата, но сите тие ветувања не само што не ги исполни, туку целосно ги погази. Бараме да се повлече оваа програма, овој трет меморандум за штедење што повторно ќе нè фрли сите на колена – коментира еден од демонстрантите на протестот.

Вечерва за време на расправата и на гласањето на мерките е закажан нов голем народен протест за да се испрати јасна порака до Ципрас за разочараноста од прифаќањето на договорот и за да се побара во последен момент да се отфрлат мерките наметнати од кредиторите.

Во рок од две недели, работите целосно се изменија за владата на Ципрас. Ако со неговото доаѓање на власт престанаа протестите против владата и првпат се организираа протести за поддршка на владата со месеци, работите одново се враќаат на старо, како што беа уште во 2010 година, со големите народни протести и со револтот против мерките за штедење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...