Во клима на политичка неизвесност во Грција, вечерва почнува гласањето за претседател на државата. Ова е првиот од три круга на гласање што ќе одлучат дали Грција ќе добие нов претседател и каква ќе биде политичката иднина на владата на Нова демократија и на ПАСОК.
Претседателот во Грција го избира грчкото собрание. Тристотините пратеници вечерва, во 19 часот, ќе го почнат гласањето за единствениот пријавен кандидат, Ставрос Димас, кој е предложен од владината коалиција. За да се избере претседател во првиот круг, потребно е двотретинско мнозинство, односно 200 пратеници. Владината коалиција, која има мнозинство од 155 пратеници, тешко ќе успее да добие поддршка од уште 45 од независните или од пратениците од опозициските партии, за Димас да биде изгласан во првиот круг. Поради тоа, речиси сигурно е дека ќе се оди на втор и на трет круг на гласање. Пресуден ќе биде третиот круг, во кој за да се избере претседател, потребни се 180 гласови, односно 20 пратеници помалку од првиот и од вториот круг. Првото и второто гласање, во суштина, само ќе ја покажат можноста и силата на Димас да добие поддршка од 180 пратеници и ќе ѝ покажат на владата дали се движи кон опстојување или кон предвремени парламентарни избори.
Во последен обид да се освојат што повеќе гласови за Димас, премиерот Андонис Самарас испрати соопштение со кое потсетува дека гласањето ќе помогне да се избегне нов политички земјотрес за Грција. „Позитивниот глас на пратениците не е глас за владата, туку одлука за заштита на Уставот и почит кон институцијата претседател. Но, и глас да се избегне политичка перипетијам која може да биде кобна за европската иднина на државата“, изјави Самарас.
Опозициската СИРИЗА уште пред неколку дена испрати апел да не се слушаат заканите на Самарас, а лидерот Алексис Ципрас го спореди Самарас со премиер на хаосот. Опозициската партија е сигурна дека претседателските избори ќе доведат до парламентарни, поради што и воопшто не предложи свој кандидат за изборите.
Политичките аналитичари најавуваат неизвесност до самиот крај. Најголем дел од нив прогнозираат дека, најверојатно, нема да се успее да се избере претседател, но дел од нив оставаат и простор за изненадување на крај. Сè ќе зависи од тоа колку владината коалиција ќе успее да придобие дел од независните пратеници, но и од членовите од Независни Грци и од Демократска левица. Шест од независните пратеници веќе потврдија дека ќе гласаат за Димас, а осум други се очекува да сменат став до самиот крај. Воздржани ќе гласаат од Комунистичката партија, а Златна зора најавија дека ќе гласаат против. Иако Независни Грци најавија дека ќе гласаат против, а Демократска левица воздржани, не се исклучува можноста на третото гласање дел од нив да го поддржат Димас за да се избегнат предвремени избори.
Анкетите во грчките медиуми покажуваат дека граѓаните, иако се противат на политиката на владата, не би сакале да видат предвремени парламентарни избори кои може да ѝ донесат нови проблеми и финансиски удари на државата.