fbpx

Прв случај на корона вирус во земјава, властите тврдат дека се подготвени и дека нема место за паника

-

Педесетгодишна скопјанка е првиот регистриран случај на заболен пациент со корона вирус во земјава, потврди министерот за здравство Венко Филипче. Тој уверува дека нема простор за паника кај населението. Заболената еден месец престојувала во Италија.

– Пациентката е сместена на Клиниката за инфективни болести во Скопје, во оддел за изолација, се третира соодветно на нејзината состојба. Епидемиолошките анализи укажале на тоа дека еден месец била на прошетка во Италија, дека била две недели болна и се третирала во италијанска болница, каде што не била тестирана за корона вирус. Непосредно откако дошла во земјава, се упатила на Инфективната клиника. Инкубацијата е многу одамна помината и во моментот на транспорт, жената не претставувала опасност да ја пренесе болеста. Постапуваме по сите протоколи, сега се прави проверка на сите патници кои биле транспортирани во Скопје. Сите ќе бидат тестирани и ставени во 14 дневна изолација – информира министерот.

Тој препорача до граѓаните да се придржуваат до мерките кои се дадени.

– Ако на проверките на граничните премини патниците немаат симптоми, а ако им се јават симптоми подоцна, да се јават во центрите за јавно здравје. Апелирам до сите компании и институции кои имаат вработени кои во изминатиот период биле во Италија, да не одат на работа, туку да седат дома 14 дена, бидејќи сега имаме новонастаната ситуација – изјави Филипче.

Епидемиологот Жарко Караџоски апелира населението да биде спокојно, бидејќи, како што вели „ништо не нè  изненадило“.

– Ние го имаме нашиот алгоритам и спроведуваме наша активност. Граничната полиција поставува шест епидемиолошки прашања. Ако некој каже дека има било каков симптом, тие лица се тргаат на страна. Можам да кажам дека едно заболено лице, не е ризик за останатите лица. Упатувам смирувачки тонови, медицинските служби се во секој момент подготвени. Јас со себе носам заштитна маска, а другото ми е в кола. Подготвени сме за половина час да бидеме тим кој ќе одговори на потребите кои би се јавиле на аеродром – вели Караџоски.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски информира дека се спроведени сите мерки за понатамошен третман.

– Сите државни служби се подготвени да реагираат на новонастанатите услови. Нема причина за паника зашто контрола е воспоставена. Добро е штo поставивме систем за рана детекција. Сите постапки ќе ги правиме врз основа на сите протоколи. Нема место за паника, за било каква хистерија во однос на ова, напротив, секој од нас да биде на висина на негова лична одговорност. Да не нè поведе емоцијата и паниката пред она што е реалност – апелира Спасовски.

Филипче информира дека сите институции се целосно опремени, посебно Клиниката за инфективни болести. Тој рече дека има опрема и потребни лекови за третман.

– Не постои специфичен протокол зашто се дава симптоматска терапија. За потешките форми кои ги зафаќаат белите дробови се дава антибиотска терапија – додаде тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...