Гувернерот на Банката на Англија денеска соопшти дека новата банкнота од 50 фунти испечатена на полимерен материјал на реверсот ќе го има ликот на Алан Туринг, кој според многумина е главниот „виновник“  за создавање на првиот компјутер на светот. Банкнотата во оптег ќе биде пуштена во 2021 година, а на фотографијата е само концептот за нејзиниот изглед.

Туринг бил математичар, чии теоретски поставки довеле до создавање на првиот компјутер на светот, кој се користел за разбивање на шифрите на германските шифрантски машини „Енигма“ и „Лоренц“ во Блечли Парк, познатото седиште на британските шифранти и дешифранти во текот на Втората светска војна.

Туринг се смета за татко на компјутерската наука и вештачката интелигенција, а тој е избран од Комисија на Банката на Англија од предложените 989 личности.

Некои аналитичари сметаат дека со овој потег сакаат да му „се извинат“ на Туринг, кој бил осуден поради неговата врска со маж, односно поради неговата хомосексуалност и заради гревот што системот го натерал на самоубиство, а потоа постхумно бил помилуван од британската кралица.