Прв ден штрајк на наставниците: Во некои училишта децата се прифаќаат и има настава, во други цели колективи не работат

Фото: Архива на Мета.мк

На првиот ден од штрајкот кој го организира раководството на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), сликата во училиштата е различна. Во некои училишта се прифаќаат деца и настава се одржува, а во други места, пак, цели наставнички колективи се во штрајк и не прифаќаат деца.

Директорот на гимназијата „Орце Николов“, Митко Димовски за Мета вели дека две третини од наставничкиот колектив е во штрајк и не одржува настава, а една третина од наставниците ги примаат децата и одржуваат наставните часови.

„Дали ќе има изостаноци за децата што не дојдоа на училиште, како ќе се постапува, некој треба да ни каже, а тоа се надлежните во Министерството за образование и наука и СОНК. Ние сме во незавидна ситуација, не знаеме како да постапиме, па затоа чекаме насоки“, вели Димовски.

Светлана Масларевска, директорката на основното училиште „Коле Неделковски“ во Центар, вели дека сите ученици во одделенска настава од прво до петто одделение, се на училиште денеска.

„Децата си имаа и топол оброк, тие си имаа редовна настава со нивните наставници. Кај нас штрајкуваат наставниците во предметна настава. Дојдоа ученици денеска на училиште, кои беа згрижени од стручната служба, имаа два часа престој и потоа си заминаа“, вели директорката.

ОУ Киро Глигоров, Скопје | Фото: Мета.мк, 11.04.2022 г.

Во основното училиште „Григор Прличев“ во општина Гази Баба, денеска имаше ученици кои дојдоа на училиште, но по краток престој во училиштето, си заминаа дома. Цел колектив е во штрајк и во основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел. Иста е ситуацијата и во училиштето „Никола Карев“ во Пробиштип. Во ова училиште денеска имало деца кои дошле на училиште, но биле згрижени од друг персонал, во една училница.

Од денеска се штрајкува во сите установи од дејностите детска заштита, основно и средно образование, во кои има членови на СОНК, како и во установи во кои заради солидарност, се приклучени и други вработени. Оттаму велат дека немаат одговорност во однос на воспитување, згрижување и исхрана на децата.

Инаку, според членот 50 од Законот за основно образование, во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на основното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните основни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.

ОУ Гоце Делчев Скопје | Фото: МЕта.мк, 11.04.2022 г.

Слично е и во членот 25 од Законот за средно образование, во кој стои дека воспитно – образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за
вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што решава основачот, а во согласност со Министерството. Во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на средното училиште, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните средни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените кои штрајкуваат, за време додека трае штрајкот.

Министерството за образование и наука вчера ја извести јавноста дека од денеска, основните и средните училишта треба да продолжат да работат, односно да примаат ученици и да организираат воспитно-образовен процес.

Оттаму потенцираат дека училишните раководства имаат законска должност да го организираат воспитно-образовниот процес и да овозможат продолжување на континуитетот на следење на настава во училниците, кој беше воспоставен откако по година и половина едукација на учениците во вонредни околности и услови на пандемија, тие повторно се вратија во училишните клупи.