Прв академски час во новата академска 2021-2022 година

Фото: Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола (УКЛО)

Државните универзитети денеска го одржаа првиот академски час за новата генерација на студенти, со што се означи почетокот на новата академска 2021-2022 година.

На новозапишаните студенти на првиот и најголем универзитет во државата „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, далечински им се обрати ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, кој им посака добредојде и им порача малите потешкотии со кои ќе се соочат во текот на нивното студирање да ги третираат како предизвици и поголем стимул за стекнување на знаење.

„Драги бруцоши, денес со вашето виртуелно влегување во амфитеатрите и предавалните на Правниот факултет, станувате значаен дел на реномираното академско семејство на УКИМ – најстариот, најголемиот и најдобриот универзитет во Република Северна Македонија. Да се припаѓа на УКИМ е чест, но и голема обврска, затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење. Денес започнувате со нова развојна етапа која бара сериозен пристап затоа што таа суштински ќе ви ги дефинира и насочи животите“, им порача Јанкуловски на бруцошите.

По повод почетокот на новата академска година, премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска го посетија Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде упатија порака до студентите да бидат целосно посветени на студирањето.

„Упатувам апел до вас студентите да бидете внимателни на предавањата, слушајте ги и почитувајте ги професорите и трудете се да ги надминете своите лични, но и нивните очекувања. Само така ќе станете генерација која успешно ќе ја добие својата битка и генерација која ќе биде носител на промени за подобро општество“, рече Царовска.

Фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Таа додаде дека денес студирањето е значително олеснето во споредба со минатото, бидејќи државата покажува вистинска грижа кон студентите.

„Денес студентот го добива потребното внимание од државата и вистинската вредност и место во општеството. Затоа што младите, односно младите полни со знаење и желба за работа, за поставување и остварување цели, се иднината на земјата. Вие сте тие кои треба постепено да ги преземате улогите на повозрасните, а за што треба да бидете добро подготвени и опремени со најважното оружје за остварување на личниот потенцијал – знаењето“, истакна Царовска.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата и МОН остануваат посветени на градење квалитетно високо образование и продолжуваат со креирањето програми и политики за поддршка на студентскиот стандард.

„Значително ја променивме политиката за стипендирање студенти, со цел да се излезе во пресрет на што повеќе млади, со повисоки месечни износи со кои студентите навистина ќе ја почувствуваат поддршката која државата им ја обезбедува во текот на образовниот процес. Па така, за најголем дел од категориите на студентски стипендии, месечните износи се зголемени, некаде и за над 80 отсто. Ве поттикнувам да ги прифатите овие можности кои во голема мерка ќе ви го олеснат студирањето“, порача премиерот Заев.

Видео обраќање до новите студенти имаше и ректорот на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ – проф. д-р Блажо Боев.

„Би сакал да ве уверам дека, иако е пандемија, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е спремен со своите ресурси да ве прифати на Универзитетот, да го овозможи вашето студирање, студентскиот живот и сите содржини кои се важни за едно нормално студентски живеење и студирање на еден модерен, просперитетен и европски универзитет“, порача Боев.

Пригодна свеченост по повод почетокот на новата академска година се одржа и на единиците на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола. На настанот на Факултетот за безбедност во Скопје се обрати ректорот на УКЛО, проф. д-р Сашо Коруновски, кој упати порака до сите студенти, особено до новите, над 1.200 бруцоши и им посака среќен почеток и успешни студии.