Несоодветната рута избрана за железничкото поврзување меѓу Северна Македонија и Албанија е најновата опасност за задоцнета реализација на овој стратешки проект на Коридорот 8. Веќе две години, УНЕСКО предупредува дека Охридското езеро може да се најде на листата на загрозено светско наследство доколку продолжи да се реализира инфраструктурниот проект по постојната траса. Изведбениот проект за пругата кон Албанија беше завршен во 2017 година, со средства од ЕУ во висина од 7,7 милиони евра.

Две години подоцна, државните институции одговорни за проектот молчат околу најновиот проблем со кој се соочува железничкото поврзување со Албанија. Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ повеќе од еден месец не одговара на поставените прашања за овој проект. УНЕСКО даде директен предлог за изградба на алтернативен тунел од Струга до Прењас, со кој идната траса би го избегнала крајбрежјето на Охридското езеро.

Државата треба допрва да одлучи дали ќе го прифати ваквиот предлог на УНЕСКО, граѓанските активисти жестоко се противат на градењето нови инфраструктурни проекти долж крајбрежјето на езерото, додека експертите предупредуваат дека препроектирањето на трасата ќе значи и натамошно поскапување на финалната цена за изградба на пругата меѓу Северна Македонија и Албанија.

Промашена трасата за идната пруга кон Албанија

Од граѓанската иницијатива „Ohrid SOS“ уште на самиот почеток од преписката меѓу македонската влада и УНЕСКО посочија дека дадените препораки во Извештајот на реактивната мисија треба да се земат во предвид многу сериозно. За да не се најде на листата на загрозено светско наследство, УНЕСКО побара од владата да ја избегне избраната траса на пругата што треба да минува покрај самиот брег на Охридското езеро. Останува нејасно зошто централната власт не ги прифатила препораките на УНЕСКО што биле презентирани уште во првиот документ од јуни 2017 година.

Пругата кај Радожда ќе треба да минува близу крајбрежјето на Охридското езеро, што е неприфатливо за УНЕСКО. Фото: Бојан Блажевски

Од „Ohrid SOS“ нагласуваат дека сè до мај 2019 година владата упорно стоела на ставот дека трасата на пругата нема да биде променета. Од граѓанската иницијатива велат дека охридскиот градоначалник Константин Георгиевски е првиот функционер, кој на почетокот од јули годинава јавно изјавил дека владата го напуштила планот за изградба на железничката пруга по досегашната рута.

– Единствената причина за трасата да оди покрај езерото е трошокот што е јасен показател за тоа колку владата го вреднува регионот – посочуваат од „Ohrid SOS“.

Тие сметаат дека трасата на пругата мора да се смени, така што во иднина таа би минувала надвор од границите на Охридското езеро како светско наследство.

– Дополнително оптоварување со инфраструктура од поголеми размери и тоа на самиот брег не смее да се случи и тоа треба да стане правило за управување со регионот и во иднина – заклучуваат од „Ohrid SOS“.

Ваквиот став на активистите е во согласност со јасната препорака на УНЕСКО во однос на изградбата на идното железничко поврзување меѓу Македонија и Албанија. Во изготвениот извештај разгледан на 43. Сесија на Комитетот за светско културно наследство во Баку се дава предлог за изградба на алтернативен тунел од Струга до албанскиот град Прењас. Со оваа траса ќе се избегне можноста возовите во иднина да минуваат долж брегот на Охридското езеро.

Во точката 7 од конечната одлука на Комитетот на УНЕСКО се нагласува дека постои загриженост поради фактот што државата сè уште не ги разгледала препораките во однос на железничката пруга на Коридорот 8, и покрај нивното барање за разгледување на алтернативни рути надвор од границите на УНЕСКО подрачјето. „Поради тоа, Центарот го повторува своето барање кон државата членка за итно пронаоѓање на оптимални решенија за овие проекти со што би се избегнало влијанието врз исклучителната универзална вредност на доброто“, се нагласува во одлуката на УНЕСКО.

Непослушноста може скапо да не чини

Наспроти ваквите предлози на УНЕСКО, експертите тврдат дека препроектирањето на трасата на железничката пруга ќе чини и повеќе време и повеќе средства, а ќе се зголеми и крајната цена за изведба на проектот. Професорот Дарко Мославац од Градежниот факултет при УКИМ вели дека препроектирањето на пругата од Струга кон Албанија би чинела од 3 до 5 отсто од вредноста на ново проектираната траса, при што на проектантите би им требале барем една година за да ја изработат алтернативната рута според дадената препорака на УНЕСКО.

– Предлогот на УНЕСКО за изградба на алтернативен тунел од Струга до Прењас како техничко решение е возможно, но секако дека треба да се има предвид дека цената на чинење на овој објект би била во границите од 15 до 30 милиони евра по километар – потенцира професорот Мославац.

Тој дополнува дека во периодот 2010 – 2011 година најпрво бил изработен претпроект, а потоа и идеен проект за пругата од Кичево до Лин.

– Во претпроектот се разгледуваат повеќе варијанти за идната траса каде врз основа на технички и економски анализи се донесува одлука за избор на најповолна траса – вели Мославац.

За усвоената најповолна варијанта на трасата во идејниот проект, потоа се изработила Студија за оценка на влијанието на оваа рута врз животната средина, по што следела и изработката на основниот проект. Изведбениот проект е завршен пред две години и во него е утврдено дека пругата ќе се движи од Струга кон Радожда, каде по крајбрежјето на езерото е предвидено да се спои со постојната пруга кај албанскиот град Лин.

Низ селото Радожда уште во римско време минувал патот Via Egnatia. Фото: Бојан Блажевски

За изградба на целокупната траса од 63 километри меѓу Кичево и Лин е предвидено да се издвојат 500 милиони евра, но новиот тунел меѓу двете земји под планината Јабланица би можел да го поскапи проектот за десетици милиони евра. Засега државните власти не соопштуваат кој ќе ја сноси одговорноста за издвоените милиони евра за изготвување на проектната документација со проблематична рута, како и за потрошените години во нејзино проектирање.

Државата молчи за потребата од препроектирање 

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета“ велат дека прашањата за проектирањето на пругата кон Албанија треба да ги одговорат од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ како надлежен орган. До ова претпријатие поставивме прашања уште кон крајот на јуни, но одговори не добивме до денешен ден. Образложувањата за неиспраќање податоци на нашето барање беа од презафатеност на претпријатието за време на железничката несреќа кај Куманово до очекувањето за назначување на нов директор на ова јавно претпријатие.

Сепак, УНЕСКО и во двата објавени извештаи за напредокот во имплементација на препораките посочува дека владата упорно стоела на ставот за задржување на постојната траса на пругата од Коридорот 8. Главна причина за ваквиот владин став била неопходноста од склучување на нов меѓудржавен договор меѓу Северна Македонија и Албанија за идното гранично поврзување.

Од друга страна, во неодамна усвоената Национална програма за железничка инфраструктура за периодот 2019 – 2021 година воопшто не е предвидено да започне изградбата на пругата кон Албанија, со што се остава доволен простор за преиспитување на постојната траса усвоена во изминатиов период.

Во оваа насока, владата на седницата одржана на 11 јуни годинава донесе одлука да формира работна група составена од функционери од сите засегнати институции, чие задолжение е да постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа на алтернативна рута за железничкото поврзување со Албанија. Предлог решенијата треба да бидат доставени до владата најдоцна до 15 јануари 2020 година, по што ќе се донесе финалната одлука по ова прашање.

Во Националната транспортна стратегија на земјава за периодот 2018 – 2030 година се нагласува дека пругата кон Албанија треба да биде завршена до 2030 година, што веќе беше потврдено со неколку изјави во медиумите и од самото Министерство за транспорт и врски.

Бројки и факти за идната пруга меѓу двете земји

Пругата од Кичево до Лин ќе има должина од 63 километри. Почетокот на трасата е од железничката станица во Кичево. Едноколосечната електрифицирана железничка пруга ќе има постојки во Прштани, Сливово, Пресека, Издеглавје, Мешеишта и Радожда, како и железничка станица во Струга. Постои можност за изградба на крак за поврзување на Мешеишта со аеродромот „Св. Апостол Павле“ и со Охрид. Максимална брзина на движење на возовите ќе биде 100 километри на час.

Коридорот 8 и во Албанија не е ништо подобар

Албанија го укина железничкиот сообраќај меѓу Либражд и Подградец на Коридорот 8 уште во 2012 година поради дотраеност и недоволна безбедност на пругата. Во моментов, соседната земја има изработено физибилити студија за реконструкција на пругата Драч – Подградец – Лин, долга 152 километри, како и за изградба на крак долг 2,8 километри од Лин до албанско – македонската граница. Идеен проект за реконструкција на оваа пруга е изработен само за делот од Драч до Рогозина, при што е пресметано дека инвестицијата би чинела околу 80 милиони евра.

Албанија има изготвено и физибилити студија за железничко поврзување со Грција, и тоа токму преку продолжување на железничката линија од Подградец до албанско – грчката граница, се наведува во најновиот документ на албанското Министерство за инфраструктура и енергетика за железничката инфраструктура на земјата. Сепак, единствен проект од Коридорот 8 што е доведен на ниво на конкретна изведба на градежни работи е реконструкцијата на пругата меѓу Драч и Тирана, која е предвидено во иднина да се поврзе и со меѓународниот аеродром во Тирана.

Автор: Бојан Блажевски