Фото: Архива на Мета

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска од пред Министерството за образование и наука го најавија протестниот марш што ќе се одржи на 15 мај (сабота) во Скопје, паралелно со најавените протести во неколку градови низ земјава. Тие велат дека бојкотот на наставата ќе биде прекинат, за, според нив, да им се даде можност на децата да ги поправат оценките пред крајот на училишната година.

Покрај протестите, тие најавија дека ќе поднесат граѓанска иницијатива за организирање на референдум против Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

Покрај противењето за дигиталните учебници, нивните барање се да се исфрли родово сензитивната содржина од учебниците, да не се спојуваат повеќе предмети во еден и да нема воведување на сексуалното образование во основното образование.

Од Министерството за образование и наука се огласија дека немаат намера да го повлечат законот за учебници, затоа што е квалитетна реформа која ќе се воведува етапно и нема да значи целосно укинување на печатените учебници. Министерката Мила Царовска изјави дека сега се дава можност за избор помеѓу три учебника, односно се прави демонополизација на печатењето на учебниците. Истовремено се воведуваат инклузивни учебници, односно аудио учебници и учебници испечатени на Брајовото писмо.

Царовска вчера рече дека на одржаната средба со претставници на МОН, со присутните лица од оваа иницијатива воопшто не станало збор за дигитализацијата на учебниците, односно претставниците на групата зборувале за етика на религиите како предмет и укинување на родово сензитивните наставни програми, што е спротивно на
Меѓународните конвенции кои државата ги има потпишано.

Во расправата деновиве се вклучија и политичките партии, па така од владејачката партија СДСМ вчера стигна соопштение, во кое наведуваат дека Драгана Спасевска, предводничката на групата „Учебници и настава мора да има“ е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, со што се потврдува дека зад бојкотот на наставата стои партијата предводена од Христијан Мицкоски.

„Со ова се потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ свесно злоупотребува ученици и родители заради партиски цели“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега не ги коментираат ваквите обвинувања, но испраќаат обвинувања кон министерката Мила Царовска дека „насилната реформа која ја спроведува во образованието е осудена на пропаст“. Тие тврдат дека власта не го слуша гласот на родителите и учениците, кои бараат хартиени учебници и настава во училиштата со физичко присуство.