„Бараме целосна оставка на Владата, не само на поединци, затоа што козметички решенија не се доволни. Бараме не само политичка, туку и правна одговорност за сета корупција, прекршувања и криминал. Исто така, бараме да се ослободат 11 лица кои се во притвор и едно лице кое е во домашен притвор поради протестите“. Ова се барањата на граѓанското здружение „Протестирам“, кои ги искажаа на денешната прес-конференција пред Собранието.
Тие велат дека овие оставки не треба да се искористат за предвремени избори, туку за да се формира преодна влада, која ќе го исчисти избирачкиот список, ќе ги ослободи институциите и ќе организира нови фер и демократски избори. На прес-конференцијата зборуваше и Орхан Сулејамни од „Студентски пленум“, кој, исто така, побара да се ослободат неговите колеги. Тој кажа дека денеска протестот ќе почне пред Влада во 18 часот, ќе продолжи ред Основниот суд и ќе заврши пред Собрание.
Одговарајќи на новинарско прашање, претставникот на „Протестирам“ рече дека не им треба покана на ниту една партија за да излезат на улица.
– Ние протестираме веќе подолго време и ќе продолжиме сè додека не бидат исполнети нашите барања – изјави тој.
Според него, сè уште немале координативно тело и немаат став за новите министри, но од тоа што го прочитале во медимуите, сметааат дека и овие министри се контроверзни.