Протести во време на пандемија: Младите го креваат гласот без оглед на условите

Илустрација / Фото: OrnaW, Pixabay

Пандемијата со корона вирусот и условите кои ги наметна не ја спречи младината низ светот да го крене својот глас за промените во општествата што ги засегаат токму нив. Од почетокот на пандемијата па досега, светот беше сведок на младински протести, собири и соочувања со полицијата.

И покрај забраната за собири над 100 лица, стотици студенти на универзитетите во Грција минатиот месец протестираа во центарот на Атина, но и во други грчки градови против донесувањето нов закон за образование, за кој кажаа дека ќе им го ограничи правото на изразување на факултетите. На протесните немири беа уапсени и демонстранти, а на еден од нив полицијата употреби и солзавец.

Со Законот предвидени се измени во високото образование, начинот на упис на факултетите, како камери за безбедност, подобро осветлување, нови порти со читачи на картички и чувари на кампусите. Меѓу другото, промените вклучуваат и ограничено време за студирање, односно на шест години за оние што се на факултетите со четири години и осум и девет години за високото образование што трае пет, односно шест години.

Според новите предлози, на универзитетите би имало специјална полиција чии припадници не би носеле оружје, но би можеле да повикаат засилување. Владата сака да воведе и дисциплински комисии кои ќе имаат моќ да суспендираат или да бркаат студенти. Згора на тоа, студентите би можеле да бидат испрашувани за поставување постери или банери, како и за „создавање бучава“.

„Ал Џазира Балканс“ извести дека Грчкиот парламент го усвои нацрт-законот и тоа со гласови на претставниците на владејачкото мнозинство, односно, 166 пратеници, наспроти 132 пратеници од опозицијата.

„Полицијата не влегува на универзитетите, туку демократијата“, рече премиерот Киријакос Мицотакис во обраќањето пред парламентот и додаде дека тоа е начин „да се стави крај на насилството и да се отвори патот за слободата“.

Според новиот закон, полициски корпус од илјада луѓе со специјални униформи без оружје, но со пендреци ќе патролираат по универзитетите.

Присуството на полицијата на универзитетите е чувствителна тема во Грција, а се поврзува со инцидент од 1973 година кога државата ги искористила војската и полицијата за да разбие студентски протест на Политехничкиот универзитет во Атина. Никој не бил повреден на кампусот, но таа ноќ и следните денови во операцијата биле убиени над 35 луѓе. Подоцна бил донесен закон со кој се забранил влез на полицијата на кампусите.

Студентски протести на минусни температури во Турција

Студентските протести против назначувањето на ректор на еден од престижните универзитети во Турција, кој беше избран и одобрен од страна на државата, неочекувано придонесоа дел од разочараната и невработена младина на Турција да излезе на улица и да ги исфрли бесот и фрустрациите кон владата на претседателот, Реџеп Таип Ердоган.

Демонстрациите на студентите и академската заедница на Универзитетот „Богазичи“ започнаа минатиот месец, откако за ректор на универзитетот беше назначен Мелих Булу.

Во знак на солидарност со студентите, илјадници млади луѓе изминативе недели излегоа на протести во Истанбул и Анкара, кои набргу ескалираа со интервенција на полицијата со солзавец и гумени куршуми.

Студеното време со минусни температури и обилните снежни врнежи не ги спречија студентите и академците пред универзитетскиот кампус повторно да го искажат своето незадоволство против назначениот ректор, Мелих Булу. Тој пак, порача дека студентите и професорите имаат право на слободно изразување, но дека тој нема да се повлече од функцијата.

Нарушеното ментално здравје и финансиските тешкотии на студентите – причина за протест во Франција

Студентите во Франција пак, протестираа против затворањето на де факто кампусот и побараа поголема психолошка поддршка, а чекаа и во редици за бесплатна храна што ја делат приватни донатори.

Менталното здравје кај студентите стана загрижувачко по 10 месеци различни рестрикции на изолација и ограничувања. Тие напишаа отворени писма во кои бараат поголема поддршка од француските министри. Болниците за ментално здравје ги проширија своите капацитети за да се справат со напливот на средношколци и студенти.

Макрон вети дека ќе обезбеди два многу субвенционирани студентски оброци дневно, полесен пристап до психолозите и ќе им даде можност на сите студенти да продолжат со часови во живо еднаш неделно.

Дискусијата за ова прашање ескалираше по два обида за самоубиство меѓу студентите во Лион, a студентска група го обвини Макрон за „жртвување на цела генерација“. Други пак, посочија дека основните и средните училишта беа отворени во текот на целата есен, делумно за да се намалат нееднаквостите.

Минатата година, исто така десетици студентски организации учествуваа во протестите во чест на Џорџ Флојд и други афроамериканци кои починале поради полициска бруталност. Тие порачаа дека „Црните животи се важни” (Black Lives Matter), слоган кој ја одбележа 2020 година во САД.

И покрај заштитните мерки од ковид-19, мирен протест на средношколците имаше и минатата година пред Министерството за образование и наука во Скопје. Тие протестираа против одлуката на Владата за целосна онлајн настава во учебната година што требаше да започне на 1 октомври. Според нив, најефикасен начин за настава во време на пандемија е комбинираниот пристап на настава. Против онлајн наставата се протестираше и во Тетово.

Истражувањата во светот покажуваат дека глобалната здравствена криза ги влошила менталните здравствени проблеми кај учениците и студентите поради изолацијата, тешкотиите со далечинско учење и финансиските тешкотии бидејќи многумина од нив ја изгубиле работа со скратено работно време поради пандемијата.