Стотици луѓе се очекува да протестираат при отворањето на новиот американски конзулат во Нук, по изјавите на специјалниот пратеник на САД за Гренланд дека е време Вашингтон „повторно да го стави својот отпечаток“ врз арктичката територија, пренесува Гардијан.

Посетата доаѓа откако американскиот специјален пратеник Џеф Ландри пристигна во Нук без покана, со делегација во која имало и лекар, што предизвика остри реакции откако тој изјави дека е таму за „да ги процени медицинските потреби на Гренланд“.

Ландри, кој го напушти Нук во средата навечер, накратко учествувал на бизнис-конференција заедно со американскиот амбасадор во Данска, Кенет Лоури. За време на посетата, Ландри за агенцијата AFP изјавил дека смета дека е „време САД повторно да го зацврстат своето присуство на Гренланд“, додавајќи „Гренланд има потреба од САД“.

Во меѓувреме, преговорите меѓу САД, Гренланд и Данска продолжуваат, иако Копенхаген моментално нема целосно функционална влада поради продолжени коалициски разговори.

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, повтори оваа недела дека територијата, која има широка автономија и е поранешна данска колонија, „не е на продажба“, но истовремено истакна дека Гренланд е „обврзан да најде решение“ со САД.

САД веќе имаат конзулат во Нук, во скромна зграда во традиционален стил, но преместувањето во нови, модерни простории во висококатница се смета за симбол на засилено присуство.

Акадмеикот и организатор на протестот Акалукук Фонтен изјавил дека демонстрациите се одржуваат поради силното јавно чувство против американското присуство во градот.

„Сега е поважно од кога било да им покажеме на Американците дека ‘не’ значи ‘не’ и дека иднината и правото на самоопределување на Гренланд му припаѓаат на гренландскиот народ“, рекол тој.

Меѓу говорниците бил и Руфус Гифорд, поранешен американски амбасадор во Данска, кој ги критикувал изјавите на Ландри дека никогаш немало високи американски дипломати во Гренланд пред Трамп да стане претседател.

„Тој сака Гренланѓаните да бидат благодарни на Доналд Трамп. Многу си се преценил, човеку. Врати се дома“, изјавил Гифорд во видео објавено на социјалните мрежи.

Трамп повеќепати изјавил дека САД имаат интереси во Гренланд од безбедносни причини. Освен стратешката позиција на најкратката рута меѓу САД и Русија, Гренланд привлекува внимание и поради ретките минерали и важната позиција за поморскиот сообраќај со топењето на мразот.

Додека политичките разговори во Копенхаген траат веќе осум недели, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен ќе учествува на состанокот на НАТО во Шведска, каде ќе биде присутен и американскиот државен секретар Марко Рубио.