Протестен собир „Сите за МКЦ“ утре напладне

На платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) — Скопје, утре ќе се одржи собир во одбрана на МКЦ, во организација на колективот „Гола планина“. Собирот ќе почне точно напладне и е предвидено да трае до 16 часот.

Според најавата за настанот на Фејсбук, целта е „сите ентузијасти и љубители на независната култура, заедно да го изјавиме нашето незадоволство“.

„Ние не се бориме за директорското место, за политички партии и избори, се бориме за ЗДРАВО МЛАДИ, се бориме за Cinedays, се бориме за сите оние фестивали и концерти во МКЦ кои се случиле во последниве 50 години“, порачува, меѓу другото, колективот.

Протестниот собир ќе се одржи по реакциите на колективот МКЦ за разрешувањето на доскорешниот директор Ванчо Богоев. Во соопштение за јавноста во средата, колективот на МКЦ обвини дека досегашниот в.д. директор Ванчо Богоев е сменет од функцијата затоа што не подлегнал на притисоци од Град Скопје.

„Во попладневните часови вчера, постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири“, велат од МКЦ.

МКЦ: Новиот в.д. директор Алексов е без никакво искуство и позадина во културна институција