Протестен осмомартовски марш: Непостапувањето е соучество, порачаа демонстрантите

Фото: Ванчо Џамбаски

Со транспарент „Непостапување е соучество“ и граѓани облечени во црно во знак на револт, собрани пред главниот влез на Министерството за внатрешни работи започна протестниот марш на Платформата за родова еднаквост за случајот „Јавна соба“ кој потоа заврши во паркот Жена борец.

„Од името на понижените, малтретираните, застрашените, прогонуваните и убиените девојки и жени денес ја изрекуваме следнава пресуда: Виновни се за соучество во злосторство сите кои имаат моќ, одговорност и ресурси да обезбедат достоинство, правда, безбедност и заштита на личната сигурност и животот на девојките и жените, а не го прават тоа“, порачаа од Платформата.

За виновни ги прогласија и сите оние кои се овластени да го откриваат, спречат, гонат и затвораат насилниците, а не го прават тоа. Исто така, вината ја упатија и кон оние кои се овластени, должни и платени да обезбедат услуги поддршка врз жртвите, а не го прават тоа. Како што рекоа од Платформата, со непостапувањето помогнале во опстојување на криминалот и со тоа предизвикале штета.

„На виновниците им се изрекуваат следните забрани: забрана за неработење, игнорирање, нечовечки однос и обвинувања на жртвите. Забрана за толерирање прикривање и оправдување на криминалот. Забрана за постапување врз основа на сопствени ставови и уверувања. Виновниците се задолжуваат да си ги оправдаат позициите и да си ја сработат платата. Да воведат јасни правила и да обезбедат професионалци на кои ќе им поверуваме да стават крај на насилството врз жените. Или во превод, контрола и затвор за насилниците, а за жените жртви на насилство – навремени и квалитетни услуги и поддршка“ изјавија од Платформата.

Тие уште еднаш им порачаа на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство (ОЈО) дека нема да прифатат префрлање на одговорноста од една кон друга институција, туку инсистираат на сеопфатни, ефикасни резултати што подразбира кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Како и гонење за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење на проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот.

Претходно, Платформата одржа една прес-конференција пред Основното јавно обвинителство и една пред Министерството за внатрешни работи од каде што рекоа дека нема да престанат да го адресираат прашањето за решавање на случајот „Јавна соба“

Денеска Основното јавно обвинителство (ОЈО) соопшти дека истрагата за „Јавна соба“ е во завршна фаза, додека пак, за „Јавна соба 2“ се водат предистражни постапки во повеќе обвинителства.